Евроинтеграции

Муцунски за „Политико“: Нема уставни измени, ако не добиеме цврсти гаранции од ЕУ дека тоа ќе биде последното барање од Софија

27.08.2025 09:44

Скопје во моментов не е подготвено да ги направи уставните измени што ги бара Софија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање, нагласува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, во интервју за политичкиот магазин „Политико“...

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за „Политико“ изјави дека Северна Македонија е подготвена да ги спроведе сите неопходни реформи, не само поради барањата на ЕУ, туку и за посилно општество. Тој нагласи дека уставните измени кои ги бара Бугарија нема да се направат без цврсти гаранции од Унијата дека тоа ќе биде последното такво барање.

Шефот на дипломатијата додаде дека земјата веќе работи на реформи во владеење на правото и добро управување. Потсети дека Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска веќе е членка на ЕУ и Шенген, нашата земја сè уште не ги започнала преговорите за членство.

Покрај темите поврзани со ЕУ-членството, Муцунски во интервјуто за „Политико“ зборува и за поддршката што Македонија ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.