ДЗР: Доцни Законот за климатска акција, државата без систем за справување со климатските промени
Надлежните органи во државата потребно е да преземат дополните мерки и активности за справување со климатските промени. Отсуствува јасно дефинирана структурна поставеност, координација и комуникација меѓу инволвираните страни во процесот на климатски промени, а Национален план за адаптација на климатските промени не е донесен, наведуваат ревизорите …

Одложувањето на носењето на Законот за климатска акција, што трае повеќе од пет години, негативно влијае врз институционалната координација и комуникација во справувањето со климатските промени, утврди Државниот завод за ревизија во најновиот извештај.
Ревизорите посочуваат дека државата нема национален план за адаптација, недостасува јасна структурна поставеност, а не е воспоставена ниту единствена база на податоци за емисиите на стакленички гасови – последен пат изработена во 2019 година.
Иако во изработката на законот биле вклучени бројни институции, изостанала улогата на локалната самоуправа. Дополнителен проблем е и што во Буџетот не постои систем за климатско означување на проектите, па нема податоци за финансиите насочени кон климатски промени.
Во Долгорочната стратегија за климатска акција е предвидено дека до 2050 година ќе бидат потребни 35 милијарди евра капитални инвестиции и 121 милијарда евра во енергетскиот сектор, но меѓународните обврски за финансиско известување државата не ги исполнува од 2020 година.
