Свет

САД може да воведат економски санкции за Русија, ако одбие да се согласи на прекин на огнот

27.08.2025 14:31

Американскиот претседател предупреди дека САД би можеле да воведат економски санкции за Русија ако одбие да се согласи на прекин на огнот во Украина. Зеленски вели дека Путин сè уште се обидува да ги избегне преговорите. Двете страни ги продолжија нападите со беспилотни летала. Во воздушните напади погодена украинска енергетска компанија. Во меѓувреме, Русија побара меѓународна истрага за експлозијата на гасоводот „Северен тек“ во 2022 година…

Киев призна дека силите на Москва влегле во клучниот регион Днепар, каде што Русија тврди дека има напредок уште од јули годинава. Продолжуваат и меѓусебните напади со беспилотни летала. Украина ќе биде што е можно поподготвена за разговори со Русија за завршување на војната, уверува украинскиот претседател. Според Зеленски, Путин сè уште се обидува да ги избегне преговорите.

„Од наша страна, сè ќе биде што е можно поподготвено за да се стави крај на војната. Важно е партнерите да го потврдат ова. И во иднина, сè ќе зависи исклучиво од волјата на светските лидери – првенствено од САД – да извршат притисок врз Русија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Трамп предупреди дека САД би можеле да воведат економски санкции за Русија ако одбие да се согласи на прекин на огнот.

„Сакаме да заврши. Имаме економски санкции. Зборувам за економски санкции затоа што нема да влеземе во светска војна. Тоа нема да биде светска војна, но ќе биде економска војна. Ќе биде лошо за РусијаИ, не го сакам тоа. Зеленски не е баш невин. Потребни се двајца за танго“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во меѓувреме, Русија побара меѓународна истрага за експлозијата на гасоводот „Северен тек“ во 2022 година откако во Италија беше уапсен Украинец. Осомничениот се товари дека е еден од координаторите на подводните експлозии што ги оштетија гасоводите меѓу Русија и Германија.

„Важно е не само за Русија, не само за Германија, чии економски интереси се многу загрозени, туку и да се исклучат вакви ситуации во иднина и да не се дава погрешен пример на меѓународни терористи кои би можеле да бидат инспирирани од неспособноста на меѓународната заедница да ги пронајде одговорните за овој терористички напад и да ги изведе пред лицето на правдата“, изјави Дмитриј Полјански, заменик-постојан претставник на Русија во ООН.

За експлозиите на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“, Германија, Данска и Шведска не ја исклучија можноста за саботажа. Канцеларијата на германскиот обвинител отвори постапка врз основа на меѓународен тероризам, но Москва, и покрај повеќекратните барања, никогаш не добила информации за инцидентот.

Маријана Димовска