Се трага по жариштето на жолтица во Штип
Епидемиолозите од Штип и Скопје ја исклучуваат водата како причина за епидемијата на заразната жолтица во Штип. Сепак, земени се повеќе мостри од природни чешми, вклучително и од градскиот водовод чии анализи ќе бидат готови за неколку денови. Бројот на хоспиталиизрани се искачи на 24. Вонредна состојба на работа на училиштата и болницата.

Водата не е причина за појавата на заразната жолтица, тип А во Штип. Сите направени анализи, укажуваат дека штипската вода е бактерилошки исправна, тврди градоначалник Захариев.
„Водата се контролира на секој час, на пунктови низ целиот град и сите анализи покажуваат дека нашата вода е максимално исправна“ вели Илчо Захариев, градоначалник на Штип.
Дека водата не е причина за појавата на жолтица сметаат и епидемиолозите од Скопје кои од денес, заедно со штипските колеги го барата изворот на заразата.
„Кога во прашање би било заболување по хидричен пат, болеста ќе се проширеше на половина град. Сите ќе ја пијат истата вода и сите кои се осетливи ќе се разболат, а болеста би се појавила во ист временски период. Она што сигурно го знаеме е дека контактот е основна причина за ширење на заразата, значи нечисти раце, контаминирани раце, поздравувањенедоволно измиено овошје и зеленчук“ смета прим. д-р Жарко Караџовски, епидемиолог во Центар за јавно здравје.
Во моментов, бројот на хоспиталиизрани на Инфективното одделение со дијагноза хепатит се искачи на 24 и бројката секојдневно расте. Колку Инфективното одделение кое е со капацитет од 35 легла, е подготвено за епидемијата:
„Во услови на епидемија, бројот на постели ќе се зголеми, за што всушност болницата е одготвена со резервни кревети и искористување на простор кој ќе се намени за тие пациенти. Имаме неискористен простор на Инфективното одделение, а две простории ќе бидат одземени од Нервното одделение“, вели Елизабета Папарова, директор на Клиничка болница - Штип.
Опасноста од ширење на заразата допрва претстои зашто за десетина денови почнува учебната година. За ова да се спречи, сите училишта добија посебни препораки од Центарот за јавно здравје за подигање на нивото на хигиена, а сите посети во Клиничката болница, од денес се забранети.
Од повеќе локации се земени мостри, вклучително и од вода од природните чешми, но и од водоводтот. Анализита би требало да бидат готови за три до пет денови.
Оливера Жежова
