Продолжи судењето за нападот врз Арсовска
Судењето за нападот врз градоначалничката Арсовска продолжи со сослушување на медицинскиот вештак и полициските службеници. Одбраната на обвинетиот најави кривична против Арсовска за напад и недозволено снимање...

Продолжи судењето на обвинетиот за нападот врз скопската градоначалничка Арсовска. Адвокатката на обвинетиот Сулејман Љамујари најави кривична пријава за напад и недозволено снимање против Арсовска, на што реагираше обвинителот и судијката посочувајќи дека тоа не се прави во судница. Обвинителот посочи дека при носењето обвинителен акт разгледал две медицински документации за прегледи врз Арсовска и обвинетиот, кој еден ден по нападот бил во ГОБ „8 Септември“, но во неговата медицинска документација не е констатирана повреда. За разлика од медицинскиот вештак која сведочеше дека Арсовска се здобила со телесна повреда во левата потколеница.
Сведочеа и полицајците кои интервенирале на градилиштето по пријава од инспектор од Град Скопје. Според нив, не го виделе нападот врз Арсовска, но чуле навреди од страна на обвинетиот кон скопската градоначалничка и кога ја прашувал што бара на градилиштето. Полицајците ги прашал на албански јазик кој им е шеф. Полициските службеници сведочеа дека не за 45 минути до еден час туку за 15 до 20 минути го отстраниле напаѓачот и го привеле во полициската станица „Бит Пазар“. Еден од полицајците изјави дека и Арсовска упатила навреди кон обвинетиот при нападот врз неа.
Судењето на обвинетиот за нападот врз скопската градоначалничка Арсовска ќе продолжи во петок.
Ирина Гелевска
