Охридското и Преспанското Езеро се соочуваат со низа предизвици и закани
Најстарото и најзначајното езеро во Европа, Охридското Езеро денес се соочува со низа предизвици и закани. Загадување, урбанизација, климатски промени, производство на електрична енергија. Лоша е состојбата и од другата страна на Галичица. Преспа е во сериозна еколошка катастрофа …

Загадувањето, климатските промени, големиот број пловила, рибокрадството и масовниот туризам. Ова се клучните закани со кои денес се соочува Охридското Езеро. Водениот басен се загадува и со фекалии и со хемикалии, а со тоа се уништуваат ендемските видови.
Еден од главните предизвици е искористувањето на езерото за производство на електрична енергија, со што се предизвикуваат неприродни флуктуации.
„Охридското Езеро служи како акумулационо неприродно езеро. Според кои меѓународни норми, некоиси политичари од Македонија и од Албанија, потпишале договор Охридското Езеро да се користи како акумулационо. Значи, акумулационо, значи, вештачко езеро. Апсолутно, тој договор треба да се поништи“, вели Ванчо Стојаноски, еколог.
Алармантна е состојбата и од другата страна на Галичица. Со години опаѓа водостојот на Преспанското Езеро. Експертите велат езерото исчезнува, а Преспа се соочува со сериозна еколошка катастрофа.
„Таму имаме енормно загадување од пестициди, инсектициди, Преспа е познат како регион со јаболкови насади. Исто државата нема контрола во која мера се користат тие препарати. И апел до премиерот. Заедно со Министерот за екологија да свика една отворена дебата со експерти и граѓани од Охрид, значи, недозволиво е во што се случува“, додава Стојаноски.
Последните години и двете езера се под силен удар и на климатските промени.
Експертите велат итно е потребна поголема грижа и одговорност, одржлив туризам и рационално користење на водните ресурси.
Соња Рилковска
