Партии

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со меѓусебни обвинувања за економската ситуација

27.08.2025 16:55

Откако е ВМРО-ДПМНЕ на власт минималната кошничка секој месец урива рекорди, се живее сè потешко, обвинуваат социјалдемократите. Опозицискиот лидер со став-власта ја разгорува инфлацијата полнејќи го буџетот, а не презема ништо за растот на цените. Од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат-СДСМ предводена од Филипче е изгубена во сопствените лаги и се обидува со празни бројки и манипулации да ја прикрие вистината…

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја води земјата во економска нестабилност – оценува претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Според него инфлацијата е поголема од тоа што го презентира Владата, а растот на платите не е во линија на зголемување на потрошувачката кошничка, напротив е двојно помала. Тоа е резултат на погрешните владини политики, неприфаќање на решенијата кои ги нуди неговата партија, а сето тоа во интерес на бизнис елитите блиски до власта.

„Она што станува сè појасно е дека оваа власт свесно ја разгорува инфлацијата, бидејќи им го полни буџетот и им ги зголемува профитите на блиските фирми. Граѓаните плаќаат, олигарсите заработуваат. Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност. Што друго може да го објасни фактот дека власта ништо не презема за инфлацијата и растот на цените?“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Од ВМРО-ДПМНЕ со став – СДСМ предводена од Филипче е изгубена во сопствените лаги и се обидува со празни бројки и манипулации да ја прикрие вистината.

„Филипче зборува за економија, замислете истиот тој кој беше дел од Владата што ја донесе највисоката инфлација во историјата на државата, најскапата струја и гориво, сиромаштија и задолжување за генерации нанапред. Под нивните политики, народот преживуваше со рекордно поскапување на лебот и основните продукти. Денес тој зборува за „стандарди“, истиот кој ја претвори македонската здравствена заштита во пепел“, вели Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Македонија денес е држава на стабилни финансии, држава која по години пустош и корупција почна да се обновува и држава која ја враќа довербата во институциите, уверуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Марина Тонева-Стојанова