СДСМ за вториот изборен круг ќе коалицира за партии од албанскиот блок
СДСМ на локалните избори ќе ги понуди најдобрите кандидати кои уживаат кредибилитет во своите средини, изјави лидерот на партијата Венко Филипче. За вториот изборен круг, вели дека ќе разговара и за коалицирање со партии од албанскиот блок. Во меѓувреме, се збогатува листата на кандидати за градоначалници за главниот град. Во изборната трка се вклучува деканот на Градежен, поддржан од „Независни заедно“...

СДСМ на локалните избори ќе ги понуди најдобрите кандидати кои уживаат кредибилитет во своите средини, изјави лидерот на партијата Венко Филипче најавувајќи дека во својот тим ќе ги има партиите од својата коалиција. Но, за вториот изборен круг, вели дека ќе разговара и за коалицирање со партии од албанскиот блок. За неговите кандидати рече дека ќе понудат реални и остварливи програми, развојни планови за решавање на секојдневните проблеми, а од друга страна упати критика до неговиот политички опонент Мицкоски и политиките, кои според Филипче довеле Скопје да стане неубаво место за живеење.
Филипче јавно најави коалиција со ДУИ. Прашањето е едноставно: што толку има ДУИ за него и за Заев, за да не можат да се тргнат од нивниот скут? Секојдневно зборуваат за „ново раководство“ и „автентични одлуки“, а на крајот повторно се враќаат кај старите партнери во криминал и во корупција, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Според владејачката партијата, социјалдемократите нема што да понудат, освен хаос и дезинформации.
Професорот Горан Марковски кандидат за градоначалник на Скопје
Се збогатува листата на кандидати за градоначалници за главниот град. Во изборната трка се вклучува деканот на Градежен, поддржан од „Независни заедно“. Професорот Горан Марковски на овој чекор се одлучил бидејќи не можел повеќе да го слуша плачот на родниот град, кој според него го изгубил идентитетот, е во агонија, се гуши и тоне. Трагично е вели што, наместо за прашањата од 21 век како вештачката интелигенција, наредните четири години треба да решаваме проблеми од голиот опстанок. Клучни приоритети во програмата – загадувањето, водоснабдувањето, безбедноста во сообраќајот, кои вети дека нема да ги решава паушално.
Од платформата „Независни заедно“ кои дадоа целосна поддршка за Марковски да се кандидира како независен кандидат за Скопје, велат дека тој е докажан професионалец и личност со долгогодишно искуство.
„Независни заедно“ е граѓанска платформа во која се обединија „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“.
Викторија Милевска
