Кардиобизнис?!

Клековски: Интерната комисија прво да ги провери скапите интервенции

27.08.2025 16:30

Над 34 милиони евра од Фондот за здравство завршиле во касите на двете најголеми приватни болници за кардиолошки интервенции во последниве шест години. Обвинувањата на кардиологот Сашко Кедев дека дел од операциите биле непотребни – ја отворија пандорината кутија во здравството…

За профит или за да се спасат пациентите, постои ли оправданост за интервенциите, за кои за две години на двете приватни клиники биле оперирани речиси 5.000 пациенти, а од државната каса се одлеале 34 милиони евра.

Првиот човек на ФЗОМ вели, и досега инспекторите од Фондот правеле контроли, но злоупотреби не биле откриени, а интерната комисија што ја формираше министерот за здравство за да се расветлат сомнежите за непотребните кадиохируршки интервенции, прво треба да ги провери скапите интервенции.

Цената за интервенцијата којашто ја исплаќа Фондот е иста без оглед дали услугата е дадена во јавното или приватното здравство. Две интервенции се правеле на кардиохирургија месечно, а две до три дневно во приватните.

И Фондот и Министерството за здравство апелираат пациентите кои имаат каков било сомнеж за кадиохируршка интервенција којашто им била направена, а е покриена од државната каса да пријават.

Нема рок до кога интерната комисија треба да излезе со својата анализа, која треба да ѝ помогне на комисијата од странски лекари да утврди дали во приватните клиники изминативе години, со фокус на изминатите три, пациенти биле оперирани само за да биде остварен профит, како што обелодени кардиохирургот Сашко Кедев.

Наташа Јанчиќ-Менковски