Зеленски бара поголем притисок врз Путин
Во истовреме Русија изврши нов масовен напад со балистички ракети врз Киев. Има жртви и повредени...

Американската и украинската делегација утре на разговори во Њујорк за безбедносните гаранции на Киев-потврди Зеленски. Истакна дека сите гледаат многу негативни сигнали од Москва во врска со преговорите и затоа е потребен дополнителен притисок.
„Русите нема да го исполнат она што им го ветија на САД и на другите во светот кои инсистираат на запирање на убиствата и на вистинска дипломатија. Мора да извршиме притисок. Мора да ја принудиме Русија да преземе правилни чекори, да ја заврши војната што ја почна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Италијанската премиерка Мелони изјави дека предлогот за безбедносни гаранции за Киев, сличен на Член 5 на НАТО, во моментов е главна тема на преговарачката маса на сојузниците. Кремљ ги поддржува мировните напори, но не и распоредувањето трупи во Украина. Германскиот канцелар Мерц предупреди дека капитулацијата на Украина би му дала време на Путин за нова војна.
„Оваа војна мора да заврши. Но, не по секоја цена. Не сакаме Украина да капитулира. Таквата капитулација само ќе ѝ даде време на Русија, а Путин ќе го искористи тоа време за да се подготви за следната војна“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Во истовреме Русија изврши нов масовен напад со балистички ракети врз Киев. Има жртви и повредени. Москва јавува за напади врз Крим и погодена рафинерија за нафта во Самарската област.
