Жртви и повредени во масовен руски напад врз Киев
Жртви и повредени во масовен руски напад врз Киев. Русија јавува за напади врз Крим и погодена нафтена рафинерија во Самарската област...

Русија изврши масовен напад со балистички ракети и дронови врз Киев, погодени се станбени згради и трговски центри. Има жртви и десетици повредени, а се стравува дека бројот на загинати ќе расте додека траат спасувачките акции.
„Слушнав силна експлозија во соседната куќа, вратата ми падна врз главата. Целиот стан беше уништен, автомобилите оштетени, веднаш истрчавме надвор и се засолнивме“, изјави Виталиј Санченко, жител на Киев.
„Слушнав експлозија во позадина, потоа следуваше уште една, прозорците веќе беа скршени. Сакав да избегам, но само по неколку секунди се случи нова експлозија. Потоа сè заврши“, изјави Софија Акилова, жителка на Киев.
Русија јавува за напади врз Крим и погодена нафтена рафинерија во Самарската област. Дипломатските напори тешко напредуваат. Зеленски потенцира дека од Москва доаѓаат негативни сигнали и бара дополнителен притисок. Ја потврди утрешната средба на американската и украинската делегација во Њујорк за безбедносните гаранции за Киев.
„Русите нема да го исполнат она што им го ветија на САД и на другите во светот кои инсистираат на запирање на убиствата и на вистинска дипломатија. Мора да извршиме притисок. Мора да ја принудиме Русија да преземе правилни чекори, да ја заврши војната што ја почна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Италијанската премиерка Мелони изјави дека безбедносните гаранции за Киев, слични на Член 5 од НАТО, се главна тема меѓу сојузниците. Кремљ ги поддржува мировните напори, но се противи на распоредување трупи во Украина. Германскиот канцелар Мерц предупреди дека капитулацијата на Украина би му овозможила на Путин време за нова војна.
„Оваа војна мора да заврши. Но, не по секоја цена. Не сакаме Украина да капитулира. Таквата капитулација само ќе ѝ даде време на Русија, а Путин ќе го искористи тоа време за да се подготви за следната војна“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Европа го зголемува производството на артилериска муниција. Во северна Германија е отворена нова воена фабрика за зајакнување на безбедноста на континентот и поддршка на одбраната на Украина.
„Ова испраќа силен сигнал дека ја зголемуваме нашата безбедност на снабдувањето тука во Германија“, изјави Борис Писториус, министер за одбрана на Германија.
„Европа сега може да произведува шест пати повеќе артилериски гранати годишно отколку што можеше пред две години. Се очекува производството да достигне 2 милиони куршуми до крајот на годинава“, изјави Марк Руте, генерален секретар на Нато.
Од почетокот на војната, европската одбранбена индустрија е критикувана за бавност и недоволни капацитети, што го одложи снабдувањето со оружје и муниција за Киев.
Бојана Крстевски
