воен конфликт

Масовен руски напад врз Киев, оштетена зградата на делегацијата на ЕУ

28.08.2025 14:44

Масовен руски напад врз Киев. Погодени се цивилни цели. Бројот на жртви расте, а меѓу нив има и деца. Во нападот оштетена и зградата на делегацијата на ЕУ. Осуда од Брисел. Зеленски бара зголемен притисок врз Путин, скептичен дека Москва ќе го исполни ветувањето на сад за прекин на огнот. Европа ја зајакнува одбраната. Утре во Њујорк разговори за безбедносните гаранции на Украина...

Русија изврши масовен напад со балистички ракети и дронови врз Киев, погодени се станбени згради и трговски центар. Има жртви и десетици повредени, а се стравува дека бројот на загинати ќе расте додека траат спасувачките акции.

„Слушнав силна експлозија во соседната куќа, вратата ми падна врз главата. Целиот стан беше уништен, автомобилите оштетени, веднаш истрчавме надвор и се засолнивме“, изјави Виталиј Санченко, жител на Киев.

„Слушнав експлозија во позадина, потоа следуваше уште една, прозорците веќе беа скршени. Сакав да избегам, но само по неколку секунди се случи нова експлозија. Потоа сè заврши“, изјави Софија Акилова, жителка на Киев.

Во нападот оштетена и зградата на делегацијата на ЕУ. Брисел со осуда.

„Згрозен сум од уште еден ноќен, смртоносен ракетен напад врз Украина. Моите мисли се со украинските жртви и со персоналот на делегацијата на ЕУ во Украина, чија зграда беше оштетена во овој намерен руски напад. Руската агресија само ја зајакнува нашата решеност да застанеме покрај Украина и нејзиниот народ“ објави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Зеленски пак, вели дека нападот му го покажал на светот одговорот на Русија за дипломатските напори на американскиот претседател Трамп да ја заврши војната. Побара дополнителен притисок врз Путин.

„Русите нема да го исполнат она што им го ветија на САД и на другите во светот кои инсистираат на запирање на убиствата и на вистинска дипломатија. Мора да извршиме притисок. Мора да ја принудиме Русија да преземе правилни чекори, да ја заврши војната што ја почна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Зеленски ја потврди утрешната средба на американската и украинската делегација во Њујорк за безбедносните гаранции за Киев. Кремљ се залага за мир, но се противи на распоредување трупи. Германскиот канцелар Мерц предупреди дека капитулација на Украина би му дала време на Путин за нова војна.

„Оваа војна мора да заврши. Но, не по секоја цена. Не сакаме Украина да капитулира. Таквата капитулација само ќе ѝ даде време на Русија, а Путин ќе го искористи за да се подготви за следната војна“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

Европа го зголемува производството на артилериска муниција. Во северна Германија е отворена нова воена фабрика за зајакнување на безбедноста на континентот и поддршка на одбраната на Украина.

„Европа сега може да произведува шест пати повеќе артилериски гранати годишно отколку што можеше пред две години. Се очекува производството да достигне 2 милиони куршуми до крајот на годинава“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Од почетокот на војната, европската одбранбена индустрија е критикувана за бавност и недоволни капацитети, што го одложи снабдувањето со оружје и муниција за Киев.

Бојана Крстевски