Притвор за тројцата кавадарчани осомничени дека до смрт претепале сограѓанин
По вербална расправија, тројцата осомничени физички го нападнале сограѓанинот и му нанеле тешки повреди од кои подоцна починал. Судот во Кавадарци по барање на Обвинителството им одредил мерка притвор од по еден месец …

Притвор од по 30 дена за тројцата кавадарчани Д.Б, Д.С. и М.Ѓ., кои се осомничени дека средата наутро, пред казино, му нанеле тешки телесни повреди на нивен сограѓанин, П.Т.на 42 години, од што подоцна починал. Основното јавно обвинителство од Кавадарци, соопшти дека делото го квалификува како „Тешка телесна повреда со смртни последици“. До доцна вчеравечер биле испитувани осомничените но и сведоците од кривично правниот настан.
„Осомничените, од кои двајца се на возраст од 27 години и еден 35-годишник, на 27 август околу 5 часот наутро, имале вербална расправија со оштетениот во казино во Кавадарци. Потоа излегле надвор, физички го нападнале и го удирале со боксови и клоци по целото тело и глава. Оштетениот се обидел да влезе во казиното, но изгубил свест. Со ударите му нанеле повеќе тешки телесни повреди од кои починал“ – соопштија од ОЈО Кавадарци.
Кавадаречкото обвинителство соопшти дека во текот на истражната постапка ќе бидат обезбедени сите докази и ќе се врши психијатриско вештачење на осомничените, па доколку се утврди дека кај нив постоела свест и намера да го лишат од живот оштетениот, можна е преквалификација на делото во убиство.
Докторот од службата за итна помош од Кавадарци кажа дека кога дошле на местото на настанот, лицето веќе било починато и имало повреди на глава. Неговото тело по барање на обвинителството од Кавадарци е на обдукција за да се откријат причините за смртта.
Петар Печков
