Стружани повторно бараат возобновување на црквата кај Женска плажа
Со црковно народен собир и празнична литургија денес стружани повторно ја реафирмираа идејата за возобновување на црквата кај Женска плажа. Иницијативата е стара речиси две децении, но нема одобрение за градба од локалната власт …

Со масовен црковно народен собир стружани денес на големиот христијански празник, повторно ппобараа возобновување на црковниот храм кај Женска плажа. Идејата е стара речиси две децении, да се возобнови црквата врз старите темели на црковно земјиште.
Но иницијативата иако е поднесена повеќе пати до општината, не наидува на разбирање кај локалните власти и не добива одобрение за градба.
„Идејата за возобновување на ова светилиште овде не е од сега. Знаете да, со децении тлее, не уште во крајот на XIX век имаме историчари и патописци што пишуваат дека овде имало храм. Ние сега остваруваме овде богослужбените потреби на ваков начин, но секако дека е реална потреба“, изјави отец Александар Димоски.
„Ние не бараме ништо повеќе ништо помалку туку да ни биде вратено тоа што ни го оставила Богородица што ни го доверила на чување а тоа е прекрасниот храм што треба да никне овде кој го посакува цела Струга со срце и со душа, вели верничка.
Старите стружани велат желбата за црковен храм е вековна, во Струга од осамостојувањето на државата до денес не е изградена ниту една нова црква.
„Обавезно мора да се обнови и мислам дека греши некој што мисли дека не би требало тука да се изгради, а тука треба да се изгради. Ова е црквата“, вели Стефан Лазароски од црковен одбор.
„Од 2010 година вратен е имотот на црквата со денационализација 15 години е земјиштето во сопственост на црквата и нормално постои иницијатива за изградба на храм“, вели Христијан Ковачевски, секретар на црковен одбор.
Пронајдените докази сведочат дека на ова место имало велелепна црква посветена на Мајката Божја.
Денес на локацијата има само еден мал параклис кој сведочи за пронајдените артефакти.
Соња Рилковска
