Хуманост за празници, но и преку целата година
Хуманоста, солидарноста и дарежливоста најмногу се потенцираат за време на големите верски празници. Но помошта на социјално загрозените им е неопходна преку целата година. Голема е потребата и за бесплатен оброк. Во Куманово и со две народни кујни, е долга листата на чекање за оваа услуга …

Хуманитарни концерти, пакети со храна или облека, хигиенски средства се дел од акциите коишто се реализираат вообичаено за поголемите верски празници. Им се дарува на социјално загрозените. Пред стартот на учебната година актуелни се акциите за донирање училишен прибор. Повеќето ги организираат граѓанските организации, но има дури и политичките партии. Се промовира хуманоста, солидарноста и дарежливост за лицата коишто имаат малку. Но на нив велат граѓаните им треба помош преку целата година.
„Треба да им се помогне навистина е голема сиромаштија треба луѓето од нешто да живеат. Треба да си хуман кон секој човек, да му помогнеш во тешко“, вели еден граѓанин.
„Куманово има многу луѓе со социјални случаи и мали пензии и тешко кој излегува на крај. Помагам на такви случаи кога ќе видам на телевизија дека има потреба за операција“, дополнува друг.
„Македонија треба да биде хумана земја, ние сме мали, но да бидеме хумани“, нагласува трет.
Поради лошата социјална состојба на дел од граѓаните, значајно е голем и интересот за бесплатен оброк. Во Куманово функционираат две народни кујни. Една под центарот за социјални работи. Веќе неколку години и општината започна проект „народна кујна“. Услугата во моментов ја користат сто семејства. Оброците се подготвуваат секојдневно, а на барање на корисниците има и пакети за повеќе денови со сува храна.
„Народната кујна работи 24/7 затоа што активностите остануваат секојдневни, немаше воопшто прекин. Имавме неколку корисници кои се откажаа имаа некои други обврски, се вработиме, излегоа од категоризацијата на социјални случаи и истите се заменети со резервните кои беа на листа“, вели Александар Крстевски, раководител Сектор за социјална заштита Куманово.
На листата за чекање за услугата засега се дваесетина лица. Интерес има и од соседните општини, но засега ја користат само кумановци.
Општина Куманово за овој проект предвиде шест милиони денари, а веќе се планира сумата идната година да биде поголема.
Како дел од мерките за социјална заштитата Куманово субвенционира и сметки за комуналии за социјално ранливи граѓани, како и за кирија.
Елена Георгиевска
