Македонија

Влада: Растот на нето платата е речиси двојно повисок

28.08.2025 17:03

Висината на платата на работниците различно ја толкуваат власта и опозицијата. Премиерот вели дека месечните примања сега се двојно повисоки, во однос на периодот кога СДСМ бил на власт. Опозицијата пак, обвинуваат дека во Македонија се живее најголемата несигурност досега, каде цените растат, а платите стагнираат...

Премиерот Мицкоски на повикот од опозицискиот лидер на СДСМ Венко Филипче за пораст на минималната плата вели дека добро е да се направи споредба меѓу Владата на СДСМ и ДУИ од 2017 до мај 2024 година која остварила пораст на реалната нето-плата во Македонија за околу 3,5 проценти. Според премиерот за разлика од таа Влада, една година на извршната власт на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата од јуни 2024 до јуни 2025 реалниот пораст на нето платата е 6,5 проценти. Побара од СДСМ да не спинуваат и лиферуваат невистини, туку да предложат конкретни мерки.

Во СДСМ пак обвинуваат дека граѓаните едвај врзуваат крај со крај а власта им вели „немаме магично стапче“. За само една година власт на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија е доведена во најголема економска несигурност досега, критикуваат од СДСМ.

Власта и опозицијата во пресрет на локалните избори ги засилија нападите едни кон други посебно во делот на економијата и животниот стандард на граѓаните, додека кај политичките партии на Албанците доминираат темите за легитимитетот и заслугите за положбата на албанската етничка заедница во општеството.

 

Игор Панов