Политика

Локалните избори се ближат, наративот на политичка сцена станува сѐ по жесток

28.08.2025 16:34

Ближењето на локалните избори, наративите на политичка сцена ги прави сѐ пожестоки. Премиерот Мицкоски се подготвува за историска победа оваа есен. Од ДУИ обвинуваат дека владејачката партија во јавност критикува, а преку приватни пораки има скриени желби за соработка со нив. ВМРО-ДПМНЕ го потсети Османи дека неговата партија со бел лист хартија барала било што само да остане на власт. Коалицискиот партнер ВРЕДИ оценува дека потпретседателот нема визија...

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за историски резултат на локалните избори, со цел да ја продолжи реформската агенда која е почната, вели премиерот Мицкоски. Тој на опозицијата и предвидува пораз во најголемиот дел од општините. По изборите очекува конструктивност во Собранието и аргументирани дебати. Мицоски, изјавите на лидерот на опозицијата Филипче дека владејачката коалиција не успеала да обезбеди мнозинство за клучните законски решенија и Изборниот законик, ги отфрли како партиски фолклор без дебата и предлози.

Обидите да се третираат Албанците како пазарна категорија се навредливи и недемократски-оценува потпретседателот на ДУИ Османи. Додава дека во јавните пораки премиерот зборува едно, а во приватни зборува за затоплување на односите со ДУИ, па дури и нивно влегување во Владата. Сепак тој не понуди доказ за евентуалната кореспонденција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

Барањата на ДУИ за правилото победник со победник, е нешто што токму интегративците одамна го напуштиле. Сега е само племенска математика за да седнат во фотелја-велат од владејачката ВМРО ДПМНЕ.

ДУИ прво да се реформира, да се исчисти од криминалните структури, па потоа може да смета на политичка иднина-став на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата потсетуваат „поразената ДУИ беше спремна по секоја цена да остане во власта.

„На Бујар Османи или не му кажале, или не сака да се сети на времето кога преговарачкиот тим на ДУИ остави бел лист хартија пред ВМРО-ДПМНЕ подготвени да го исполнат секое барање само за да останат во Владата која беше поразена на избори. Тогаш не звучеа така храбро и не се однесуваа првенците на ДУИ кои сега силно се удираат во гради“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Ниту лидерот на коалицијата ВРЕДИ не му остана должен на Османи. Потпретседателот на Владата Меџити со став – ваквите пораки се типични за Османи. Во недостаток на визија, тој пристапува кон конспиративни пораки кои никој не ги разбира-вели Меџити.

Усвоените закони во Собранието за кои интегративците не дадоа зелено светло, е последната причина за засилената реторика меѓу власта и опозицијата пред почетокот на кампањата за локални избори.

 

Марина Стојанова-Тонева