Украина

Продолжуваат руските напади во Украина

29.08.2025 12:04

Осуда и остри реакции по синоќешното руско гранатирање на Киев, во кое загинаа 20-на цивили. Европските лидери со став дека Путин ги саботира надежите за мир. Од Кремљ пак, изјавија дека Русија е сè уште заинтересирана за разговори и ја обвини Украина за напад врз руската цивилна инфраструктура.

Расте бројот на жртви во вчерашниот руски напад на Киев. Над 20 лица загинаа, од кои четири се деца. Нападот предизвика штета на просториите на Делегацијата на ЕУ и на Британскиот совет. Рускиот претседател Путин ги исмева сите мировни напори во Украина, изјави шефицата на европската дипломатија. Калас вели дека се во тек дискусии за спроведување на мировен договор и безбедносни гаранции по војната. Брисел работи и на следниот пакет – санкции за Москва. Во Данска, неформален состанок на министрите за одбрана на блокот.

„На Украина и е потребна целата воена поддршка токму сега и затоа разговараме и со министрите за одбрана што можеме повеќе да направиме. Имаме иницијатива за муниција и поставивме рок до крајот на оваа година бидејќи им е очајно потребна муниција, воздушна одбрана. Кога станува збор за безбедносни гаранции, секако зборуваме за денот потоа, но, не е ни близу ако погледнете што прави Путин“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Западните лидери го обвинија Путин дека ги одолговлекува мировните напори и избегнува сериозни преговори додека руските трупи се движат подлабоко во Украина. Портпаролката на Белата куќа вели дека двете страни се предолго во војна. Во меѓувреме, Стејт департмент одобри можна продажба на воена опрема на Украина во вредност од околу 825 милиони долари, а овластувањето за одлуката е доставено до Конгресот.

„Претседателот не беше среќен поради оваа вест, но исто така не беше изненаден. Ова се две земји кои се во војна многу долго време. Русија го започна овој напад врз Киев. Исто така, Украина неодамна им нанесе удар на руските рафинерии за нафта“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Путин избира балистика наместо вистински чекори кон мир, вели украинскиот претседател.

„Овој удар јасно покажува дека целите на Русија навистина не се променети. Тие сакаат да се борат и го напаѓаат не само нашиот народ, не само нашите градови, нашите заедници, Русија, сега го напаѓа и светот кој бара мир. Ова е удар врз Украина, ова е удар врз Европа, ова е исто така удар на Русија врз претседателот Трамп и други глобални актери“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Последниот напад ја става под прашање и средбата Путин – Зеленски на која инсистира американскиот претседател, став на германскиот канцелар. Од Кремљ соопштија дека остануваат заинтересирани за продолжување на мировните преговори и покрај воздушниот напад, кој беше еден од најголемите од почетокот на војната во 2022 година.

 

Маријана Димовска