Руско - украински конфликт

Бројот на жртви од рускиот напад врз Киев се искачи на над 20 лица, меѓу кои и четири деца

29.08.2025 09:42

Осуда и остри реакции по синоќешното руско гранатирање на Киев, во кое загинаа 20-тина цивили. Европските лидери со став дека Путин ги саботира надежите за мир. Од Кремљ пак, изјавија дека Русија е сè уште заинтересирана за разговори и ја обвини Украина за напад врз руската цивилна инфраструктура...

Бројот на загинати по руското гранатирање на Киев се искачи на над 20 лица, соопшти Државната служба за итни ситуации на Украина. Меѓу жртвите има четири деца. Нападот предизвика штета на просториите на Делегацијата на ЕУ и на Британскиот совет. Путин избира балистика наместо вистински чекори кон мир, вели украинскиот претседател.

„Овој удар јасно покажува дека целите на Русија навистина не се променети. Тие сакаат да се борат и го напаѓаат не само  нашиот народ, не само нашите градови, нашите заедници, Русија, сега го напаѓа и светот кој бара мир. Ова е удар врз Украина, ова е удар врз Европа, ова е исто така удар на Русија врз претседателот Трамп и други глобални актери“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Меѓународната заедница со осуда за нападот. Западните лидери го обвинија Путин дека ги одолговлекува мировните напори и избегнува сериозни преговори додека руските трупи се движат подлабоко во Украина.

„Не можеме да бидеме наивни во врска со Русија. Не можеме да бидеме наивни во врска со Владимир Путин. Русија е подготвена да направи се што смета дека е потребно за да ја доведе војната во нивна корист, но нема да бидат успешни бидејќи ние ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина и ќе направиме се за да ја завршиме оваа војна под водство на Трамп“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

„Нападите врз цивили и инфраструктура го кршат меѓународното хуманитарно право и се неприфатливи и мора веднаш да престанат“, порача Стефан Дујарик, портпарол на ООН.

Портпаролката на Белата куќа вели дека  двете страни се предолго во војна. Во меѓувреме, Стејт департмент одобри можна продажба на воена опрема на Украина во вредност од околу 825 милиони долари, а овластувањето за одлуката е доставено до Конгресот .

„Претседателот не беше среќен поради оваа вест, но исто така не беше изненаден. Ова се две земји кои се во војна многу долго време. Русија го започна овој напад врз Киев. Исто така, Украина неодамна им нанесе удар на руските рафинерии за нафта“, истакна Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.

Последниот напад ја става под прашање и средбата Путин - Зеленски на која инсистира американскиот претседател, став на германскиот канцелар.

„Јасно дека средбата меѓу претседателот Зеленски и претседателот Путин нема да се одржи. Ова е спротивно на она што беше договорено меѓу претседателот Трамп и претседателот Путин минатата недела кога бевме заедно во Вашингтон“, Фридрих Мерц, канцелар на Германија.

Од Кремљ соопштија дека остануваат заинтересирани за продолжување на мировните преговори и покрај воздушниот напад, кој беше еден од најголемите од почетокот на војната во 2022 година.

Маријана Димовска