Инвестициите го зголемија квалитетот на здравствените услуги во штипската болница

23.08.2014 16:12

Со осовременувањето на опремата во штипската болница, создадени се услови за брза дијагностика и навремена интервенција. Инвестицијата ја оправда и единствениот ангиограф во источна Македонија, а се најавени и нови вложувања за подобрување на квалитетот на услугите.

На штипската клиника за 2 месеца се извршени над 100 интервенции со единствениот ангиограф во регионот.

„Штипската клиничка болница, со ангиографскиот оддел е единствена од ваков тип во источна Македонија. Се надевам дека во овој и наредниот период успешно ќе ги опслужуваме гражаните од источниот регион“ потенцира  д-р Сашко Николов, специјалист по интерна медицина.

„Покрај елективни пациенти од источниот регион, ние имавме и 10-тина акутни случаи, а работевме и на интревенции на периферни артерии“ дополнува д-р Марјан Јовев, специјалист по интерна медицина.

Претходно вакви интервенции кај акутните инфракти се правеа само во Скопје што за некои пациенти беше лошо сценарио.

„Процентот на смртност во нашата болница значително ќе се намали. Дел од пациентите кои доаѓаа со акутни инфаркти најнапред моравме да ги стабилизираме во болницата, а потоа веќе беше доцна да се испраќаат за Скопје. Сега сите пациенти можеме да ги работиме веднаш, овде“  објаснува  д-р Николов.

Ефектите од ангиографот веќе се чувствуваат, а за во иднина менаџерскиот тим најавува нови инвестиции во подигање на квалитетот на лекувањето во Штип.

Планираме да вклучиме и групи од САД, од најразлични профили на доктори – хирурзи, гинеколози, офталмолози и слично кои, во корелација со нашите кадри, ќе воведат нови методи и постапки на лекување и ќе ги надградат веќе постојните“ изјави д-р  Александар Стојанов,  директор на Клиничката болница во Штип.

Клиничката болница во Штип е единствена од ваков вид во регионот. Секоја инвестиција во неа е во функција на обезбедување на подобра здравствена заштита на  околу 180.000 жители од 11 општини од источниот регион.

Оливера Жежова