Расте бројот на жртви по нападот во Киев
Меѓународната заедница со критики, ден по смртоносниот руски напад во Киев во кој загинаа над 20 лица меѓу кои и деца. Министрите за одбрана на ЕУ на состанок за зголемување на поддршката за Украина и безбедносните гаранции по војната. Европските лидери со став дека Путин ги саботира надежите за мир. Од Кремљ пак, изјавија дека Русија е сè уште заинтересирана за разговори.

Рускиот претседател Путин ги исмева мировните напори во Украина, изјави шефицата на европската дипломатија. Брисел работи на следниот пакет – санкции за Москва. Во Данска, неформален состанок на министрите за одбрана на блокот, ден по смртоносниот руски напад во Киев во кој загинаа над 20 лица, меѓу кои и деца, а беше предизвикана штета на просториите на Делегацијата на ЕУ и на Британскиот совет.
„На Украина и е потребна целата воена поддршка токму сега и затоа разговараме и со министрите за одбрана што можеме повеќе да направиме. Кога станува збор за безбедносни гаранции, секако зборуваме за денот потоа, но, не е ни близу ако погледнете што прави Путин“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Европските партнери на Украина ветија поголема поддршка во оружје и опрема.
„Надежите за можни мировни преговори се наивни кога ќе погледнеме што се случува во Украина, што се случи вчера, кога дипломатските мисии беа бомбардирани, кога гледаме дека се што прави Путин е одложување“, изјави Довиле Сакалиене, министерка за одбрана на Литванија.
„Сосема е јасно дека Русија продолжува да се вклучува во терористички акции, напаѓајќи цивилно население, не покажувајќи подготвеност за прекин на огнот“, изјави Сајмон Харис, министер за одбрана на Ирска“, изјави Сајмон Харис, министер за одбрана на Ирска.
„Путин нема да се помести освен ако нема поголем притисок врз Русија да седне на преговарачката маса и да биде сериозна во врска со тоа“, изјави Пол Џонсон, министер за одбрана на Шведска.
Стејт департмент одобри продажба на нова класа ракети во Украина во вредност од 825 милиони долари, што претставува прв ваков пакет од почетокот на конфликтот. Портпаролката на Белата куќа вели дека двете страни се предолго во војна.
„Претседателот не беше среќен поради оваа вест, но исто така не беше изненаден. Ова се две земји кои се во војна многу долго време. Русија го започна овој напад врз Киев. Исто така, Украина неодамна им нанесе удар на руските рафинерии за нафта“, изјави Каролин Ливит, портпаролка на Белата куќа.
Путин избира балистика наместо вистински чекори кон мир, изјави украинскиот претседател.
„Овој удар јасно покажува дека целите на Русија навистина не се променети. Ова е удар врз Украина, врз Европа, ова е исто така удар на Русија врз претседателот Трамп и други глобални актери“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Од Кремљ соопштија дека остануваат заинтересирани за продолжување на мировните преговори и покрај воздушниот напад, кој беше еден од најголемите од почетокот на војната во 2022 година.
Маријана Димовска
