Македонскиот јазик се изучува на сите континенти и меридијани
Македонскиот јазик се изучува на сите континенти и меридијани. Студенти истражувачи академици кои немаат македонско потекло се вљубуваат во нашиот јазик и култура. Таков е примерот со американецот Винсент Батаља …

Триесет и тригодишниот Винсент Батаља од Америка, го научи и одлично го зборува македонскиот јазик. Нема македонско потекло, татко му е од Италија, мајка му од Австрија но дружејќи се со пријатели во Чикаго се вљубил во македонскиот јазик и култура. Трет пат е дел од Летната школа за македонски јазик литература и култура во Охрид, заедно со шеесетина колеги од сите страни на светот.
„Имам многу пријатели во Чикаго, од Македонија и за мене многу сакам да имам добар муабет со нив и тоа е за тоа што учам македонскиот јас. Ова е мојот трет пат во зимска и летна школа и секогаш е подобро и подобро и научив многу нови работи по македонскиот јазик. И сакам да кажам дека многу ми се допаѓа македонската култура, литература и да, многу прекрасно“, изјави Винсент Батаља.
„Јас сум од Кина, јас сум Кинезинка, учев македонски јазик една година. Зборувам македонски, англиски, кинески, казакски. Мило ми е што доаѓам во Македонија“, изјави Вупипан Бахатиман од Кина.
Заврши Летната школа, а започна 52. Меѓународната научна конференција по македонски јазик, којашто привлече 65 македонисти од целиот свет, домашни и странски, реномирани академици, лектори и истражувачи.
„За главна тема имаат извонредно значењето 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик на којшто ние го чествуваме оваа година. А, најважно од се е што се истражува оваа тема во контекст на вековниот развој на македонскиот јазик, а со тоа и македонска книжевност и култура“, изјави Кристина Николовска директор на Меѓународниот семинар за македонски јазик.
Македонскиот јазик се изучува на сите континенти и меридијани, а Меѓународниот семинар за македонски јазик литература и култура е негов најголем чувар и промотор ширум светот.
Соња Рилковска
