Кривичен суд

Обвинетиот Љамалари тврди дека бил жртва, а не напаѓач на Арсовска

29.08.2025 16:42

Ново судење за нападот врз градоначалничката Арсовска во Чаир. Постапката влегува во последна фаза со завршните зборови на денешното рочиште...

Сакав да и го тргнам телефонот за да не ме снима, но градоначалничката Арсовска ме клоцна во левата натколеница. Ова го изјави обвинетиот Сулејман Љамалари кој даде исказ на главната расправа. Тврди дека на 11-ти минатиот месец, Арсовска и колегите вработени во Град Скопје дошле во Чаир и почнале да ги навредуваат и омаловажуваат луѓето, нарекувајќи ги криминалци. Љамалари не негира дека возвратил на пцостите, но под заклетва тврди дека Арсовска не добила ќотек. Напротив, тој бил нејзина жртва.

Еркан Халил, еден од тројцата сведоци на одбраната рече дека живеел во близина и од прозор видел што се случило. Потврди дека обвинетиот не ја нападнал градоначалничката.

Претходно, Арсовска инцидентот го опиша како агресивен и опасен и рече оти се чувствувала загрозена, при што интервенцијата на полицијата била неопходна. Во обвинителниот предлог стои дека Љамалари пристигнал со тротинет, и по куса расправија физички ја нападнал Арсовска нанесувајќи и повреди на главата.

Анита Димитријевска – Велковска