АНБ пријавила во Обвинителството незаконско и непрофесионално постапување на ексдиректор и група вработени
Агенцијата за национална безбедност пред еден месец пријавила во Обвинителството незаконско и непрофесионално постапување на ексдиректор и на група вработени. По внатрешната контрола дошле до сознанија за оформување на предмети за оперативни обработки за опозицијата, опозициски лидери и група новинари и медиуми. На мета и јавен обвинител и министер во тогашната влада...

Агенцијата за национална безбедност пред околу еден месец доставила три известувања до Јавното обвинителство за поранешен директор и група вработени поради индиции за незаконско, непрофесионално и неетичко постапување во службата.
Внатрешната истрага за постапувања во периодот од 2019-та до 2024-та година довела до сознанија за оформување предмети за оперативни обработки на опозицијата, лидер на опозициска партија и група новинари и медиуми чија цел била уривање на власта. Цел на обработка бил и јавен обвинител и министер во тогашната влада. Истрагата на агенцијата утврдила дека во овие случаи противправно биле користени материјално-техничките ресурси и се спроведувало незаконско следење на комуникациите. Било утврдено и свесно одолговлекување на безбедносни проверки, а како пример, од агенцијата посочуваат еден пратеник на тогашната опозиција, кому намерно му била пролонгирана постапката за добивање безбедносен сертификат.
Во врска со безбедносната состојба, од агенцијата за национална безбедност посочуваат на хибридни напади во функција на регионални центри на моќ. Дел од начините за продирање во системот се преку формирање нови организации и присуство на медиуми. Детектирано е и учество на македонски граѓани во руско-украинската војна кои се борат на руска страна. Според агенцијата, тие луѓе не се регрутирани од служби од тука. Станува збор за лична одлука на поединци.
Агенцијата забележува дека структури во земјава, под наративот за хуманитарна помош за Газа, шират радикализам. По повеќемесечно бегство низ Балканот и Африка, притворено е лице кое подготвувало терористички напади во земјава.
Според досегашните информации, засега не се лоцирани проблеми во пресрет на престојните локални избори.
Во „Оперативна акција 2025“ ќе се слеваат сите информации за евентуални неправилности. Во Агенцијата за национална безбедност во тек се реформи за кадровско реорганизирање и екипирање, како и за воведување единствен дигитализиран безбедносен систем.
Марина Стојанова -Тонева
