Здравство

ФЗОМ: Целосна поддршка за повредените во пожарот

29.08.2025 20:09

Лекувањето на повредените во пожарот во Кочани е борба на долги патеки и Фондот за здравство е тука сè додека траат лекарските третмани на сите повредени. Ова го истакна директорот на ФЗОМ кој денес ја посети кочанската болница.

Општата болница со проширена дејност во Кочани доби поголем буџет и 20 нови вработувања. Во тек е набавка на дигитален рендген апарат, а ќе се инсталира и систем за централен довод на кислород. Се обновуваат и просториите на Одделот за физикална медицина. Директорот на Фондот за здравство беше во посета на кочанската болница и вети целосна поддршка на повредените во пожарот во Кочани, сѐ до нивно целосно излекување.

Во период од два месеци во одморалиштето на МВР над 90 повредени беа на рехабилитација, проект кој според пациентите и лекарите даде позитивни резултати, истакна директорката на кочанската болница. Ќе продолжат пулмолошките прегледи и ПРП процедурите, компресивните облеки се набавуваат редовно, а за пациентите со изгореници на лицето и вратот изработени се силиконски маски.

Наскоро ќе почне да работи хипербарната капсула, чија употреба доцни заради обука на кадарот.

Славица Величковска