Русија ги засили нападите, Украина возвраќа
Русија продолжува со жестоки напади низ Украина, Киев возвраќа на руско тло. Зеленски ја обвини Москва дека ги координира нападите со цел да го саботира напредокот кон мировните преговори. Апелира до САД и ЕУ за конкретни акции, а не само политички изјави. Притисокот врз Москва и замрзнатите руски средства-во фокусот на неформалниот состанок на европските министри за надворешни работи во Копенхаген. Вашингтон се закани дека ако нема договор, Москва ќе се соочи со санкции. Кремљ со познатиот став-состанок Путин – Зеленски, да, но под нејзини услови.

Русија ги засили нападите низ Украина – експлозии одекнаа во околината на Киев, погодена Дњепропетровската област, а во Запорожје има загинати и повредени. Оштетени се инфраструктура и станбени згради.
„Луѓето врескаа за помош од прозорците, се задушуваа. Сè гореше. Сè беше во пламен, не можете да бидете подготвени за ова“, изјави Ирина – жителка на Запорожје.
„Ги слушнавме експлозиите, одеднаш целата куќа беше покриена со прашина и чад. Многу страшно“, изјави Јулија – жителка на Запорожје.
Украина возврати со дронови. Погодени руски рафинерии за нафта во Краснодар и Самара, пријавени пожари и експлозии. Украинскиот претседател Зеленски на социјалните мрежи ја обвини Москва дека го искористила времето наменето за подготовка на состанок на ниво на лидери за да организира нови масовни напади.
„Единствениот начин повторно да се отвори прозорец на можности за дипломатија е преку строги мерки против сите оние што ја финансираат руската армија и ефикасни санкции против самата Москва – банкарски и енергетски санкции. Оваа војна нема да запре само со политички изјави; потребни се вистински чекори. Очекуваме акција од САД, Европа и целиот свет.“, изјави Зеленски.
Во услови на отежнатите мировни преговори, Зеленски бара нова средба со САД и ЕУ. Украинската криза во фокус и на неформалниот состанок на европските министри за надворешни работи во Копенхаген. Се инсистира на поголем притисок врз Мосвка за ставање крај на војната.
„Треба да извршиме уште поголем притисок врз Путин. Очигледно е дека тој само одолговлекува. Треба да разговараме како можеме да се договориме за 19-тиот пакет санкции што е можно побрзо“, изјави Ларс Локе Расмусен – министер за надворешни работи на Данска.
„Гледаме дека Русија не сака мир, иако се прават многу дипломатски напори за да се доведат Зеленски и Путин на маса. Ќе се фокусираме на прашањето за замрзнатите средства. Воопшто не можеме да замислиме, ако дојде до примирје или мировен договор, тој имот да ѝ биде вратен на Русија, а таа да не плати репарации“, изјави Каја Калас – високата претставничка за надворешна политика на ЕУ.
И Вашингтон се закани дека ако нема договор, Москва ќе се соочи со санкции. На вонредниот состанок на Советот за безбедност на ОН, ја предупредија Русија да се движи кон мир.
„Русија мора сега да одлучи да се движи кон мир. Лидерите на Русија и Украина мора да се согласат да се состанат билатерално. Претседателот Трамп предупреди на понатамошни економски мерки доколку Русија одлучи да ја продолжи оваа војна“, изјави Џон Кели – в.д. претставник на САД во ОН.
„Состаноците за Украина што ги побараа нашите западни колеги го следат истиот прилично примитивен образец. Русија е обвинета за напади врз украински градови и тие се обидуваат без докази да тврдат дека целите на нападите наводно биле цивилни објекти“, изјави Дмитриј Полјански – прв заменик-постојан претставник на Русија во ОН.
Од Кремљ го повторија веќе познатиот став дека Русија не го отфрла предлогот Путин да се сретне со Зеленски, но таа средба мора да се базира на претходно договорени услови.
Бојана Крстевски
