Енергетика

Подготовки за грејната сезона

30.08.2025 15:42

Кон крајот на летото подготовки и за грејната сезона. На парно, дрва или струја, кое греење е финансиски најисплатливо.

Централно парно греење, инвертери, дрва. Различен тренд, иста дилема – како најевтино да се затопли домот во претстојните зимски денови. Енергетските експерти велат дека не може да се каже кое греење е финансиски најисплатливо, зашто освен цената на ресурсот и опремата, влијание има начинот на живеење, но и енергетската ефикасност на објектите.

„Централното парно греење е на прво место, но не може секој да го има. Како одлична можност е и топлинска централна пумпа, но инвестицијата чини пари“, вели за МРТ1 енергетскиот експерт Константин Димитров.

Кон крајот на летото граѓаните со пресметки како грејната сезона да ја истераат со помалку трошоци.

Дел од жителите на главниот град се приклучени на топлификациската мрежа. Најтешко ќе им биде на оние што се греат на струја.

Оние кои ќе се топлат на дрва, треба да одвојат од три до 4.000 денари за еден кубик. Во државното складиште најчесто се бара бука и даб. За една грејна сезона едно домаќинство троши околу шест метри кубни дрва. Паралелно, државата ги мотивира граѓаните да ги користат субвенциите за инвертери.

 

Борис Грујоски