Власта и опозицијата за ЕУ
Предлогот на лидерот на СДСМ, Филипче за нова декларација со „црвени линии“ за евроинтеграциите, за премиерот Мицкоски е неприфатлив. Шефот на владата ваквата иницијатива ја оквалификува само како нова „итроштина“. Според лидерот на СДСМ, владата води неискрена политика во однос на членството во ЕУ и свесно го пролонгира процесот, без визија и храброст...

За премиерот Мицкоски неприфатлив предлогот на лидерот на СДСМ Филипче за да се донесе нова декларација во Собранието со „црвени линии“ за македонските евроинтеграциите, а ако има ново вето, да запрат преговорите со Брисел. Шефот на Владата ваквата иницијатива ја оквалификува како нова „итроштина“.
Мицкоски вели дека СДСМ и ДУИ ги потценуваат граѓаните и играат на картата на кратка меморија. Потсети дека таква декларација имаше во Собранието да не се прифаќаат ултиматуми од Софија, па како што рече, прифатија сè. Премиерот потсети и на декларацијата да не се менува името и за тоа дека СДСМ не ги почитуваше резултатите од референдумот.
Лидерот на СДСМ во интервју за телевизија изјави дека Владата води неискрена политика во однос на европските интеграции и свесно го пролонгира процесот без визија и без храброст.
Филипче додаде дека францускиот предлог бил прифатен во отсуство на како што рече, подобра опција, со јасна перцепција дека тоа е единствениот реален пат. Според лидерот на Социјалдемократите, Македонија нема да добие подобар предлог и побара одговор од Владата до кога ќе се обидува.
Премиерот Мицкоски уште еднаш го повтори веќе познатиот став-промена на Уставот и внесување на бугарското малцинство, но гаранција од Софија дека нема да има нови блокади. Тој ја повика Бугарија заедно да поднесат резолуција до Европскиот парламент со која ќе се гарантира македонскиот идентитет и јазик.
Милчо Велески
