Куманово

Просечна сезона за пчеларите

31.08.2025 16:25

Климатските промени, долготрајната суша, но и пожарите придонесоа за просечна сезона за пчеларите. Во кумановско приносите на мед се околу десет килограми...

Просечна сезона за пчеларите од кумановско. Приносот на мед изнесува околу десет килограми, велат од пчеларското здружение „Пчела“. Со оглед на долгата суша, задоволни од постигнатото. Нешто поголеми количини бележат пчеларите кои ги преселиле пчелните семејства на повисоките места во планините. Останатите се соочиле со недостаток на вода, биле приморени да носат количини во пчеларниците.

„Пролетниот развој на пчелите беше малку забавен поради измрзнување на сите овошни паши кои можевме да ги имаме, сите дрвца измрзнаа но имавме доволно дожд за да се појави различна трева од која пчелите собраа полен, се развија добро и во почетокот на јуни бидејќи нашата главна паша е драка или чалијата нашите пчели собраа доволни количини на мед и за нас и за себе. Потоа настана и еден сушен период крајот на јуни, јули, август кој сè уште трае“, вели Бобан Стошевски, претседател Здружение „Пчела“ Куманово.

Кумановските пчелари се надеваат на врнежи, кои велат веќе се неопходни, за раст на вегетацијата, полен и квалитетни пчели за зимскиот период. Освен климатските промени, сушата и пожарите влијаат врз приносите. Во Бељаковце пожар уништи пчеларник со 35 семејства. Па членовите на здружението „Пчела“ одлучиле да му подарат кошници на 82 годишниот жител, за да продолжи да се занимава со дејноста.

Во кумановско цената на мед останува како за време на ковид пандемијата, 600 денари.

 

Елена Георгиевска