Украина

Трамп: Средбата Путин - Зеленски е малку веројатна

31.08.2025 12:21

Без дипломатско решение за Украина, можеби ќе бидат потребни американски авиони за да ѝ помогнат на Европа да ја заврши војната – порача Доналд Трамп. Додека руските напади продолжуваат, Киев добива поголеми ударни капацитети од САД. Москва најавува нова офанзива, а брисел повикува на поостри санкции и зајакнување на европската одбрана. Во истовреме, Москва и Киев разменуваат обвинувања за убиството на Андреј Парубиј.

Средбата меѓу Путин и Зеленски е малку веројатна и можеби ќе бидат потребни американски авиони за да ѝ помогнат на Европа да ја заврши војната во Украина, вели Американскиот претседател Трамп.

„Трилатерален состанок ќе се одржи, билатерален – не знам. Понекогаш луѓето не се подготвени за тоа. Понекогаш мора малку да се борат пред да можете да ги натерате да престанат. Но, тоа се случува веќе долго време. Многу луѓе загинаа“, изјави Трамп во интервју за американскиот весник „Дејли Колер“.

Додека руските напади продолжуваат, САД му даваат на Киев поголеми капацитети за удар за одбрана од Русија.

„Претседателот Трамп се осигурува, прво, дека Украина може да продолжи да се брани, давајќи им некои подлабоки капацитети за удар што очигледно би можеле да им помогнат офанзивно“, изјави Мет Витакер -амбасадор на САД во НАТО.

Русија, пак, најави продолжување на војната со нови цели за есенската офанзива, и покрај повиците од Западот за преговори.

„Во моментов, руските вооружени сили ослободија 99,7% од територијата на Луганск, остануваат помалку од 60 квадратни километри и 79% од територијата на Доњецк; 76 отсто од Херсон и 74 отсто од Запорожје. Нападите се во тек на целата линија на фронтот. Ги дефинираме задачите на поединечните групи на вооружените сили за есенскиот период“, изјави Генерал-полковник Валериј Герасимов – командантот на руската армија.

Како предуслов за прекин на огнот, Москва бара украинската армија да се повлече од целиот Доњецки регион, барање кое Зеленски категорично го отфрла. Заострувањето на санкциите против руската флота во сенка и зајакнувањето на одбраната на Украина се клучни и од најголема важност-вели шефицата на Европската комисија.

„Ќе продолжиме да обезбедуваме витална, политичка, економска и воена поддршка на нашиот храбар сосед. Ги заоструваме санкциите против Русија, особено врз флотата во сенка. Мора да ја зајакнеме одбраната на Украина и мора да преземеме поголема одговорност за сопствената одбранбена положба“, изјави Урсула фон дер Лајен – претседателка на Европската комисија.

Во истовреме продолжува истрагата за убиството на поранешниот претседател на врховната Рада, Андреј Парубиј во Лавов, за кое властите во Киев рекоа дека било внимателно испланирано. Според прелиминарните податоци, непознат маж испукал осум куршуми кон политичарот, по што починал на самото место.

„Околностите на убиството на Андриј Парубиј се истражуваат. Вклучени се многу сили – сè што е потребно. Злосторството, за жал, беше внимателно подготвено. Се прави сè за да се разреши“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Портпаролката на руското МНР, Захарова, рече дека убиството може да е поврзано со украински нуркачи, осомничени за нападот на Северниот тек. Еден од нив пристигнал во Одеса преку затворска канализација, алудирајќи на германска истрага за саботажа и на трагедијата во Одеса од 2014 година, во која бил вмешан Парубиј.

 

Бојана Крстевски