Охрид

Половина век без право на сопственост, а не добиле денар обесштетување од државата

31.08.2025 19:39

Половина век одземено право на сопственост, а обесштетување на добиле ниту денар. Сопствениците на куќите над Античкиот театар во Охрид бараат итно решавање на процесот на експропријација, куќите им се распаѓаат и претставуваат опасност и за туристите и за сцената на Античкиот театар...

Половина век одземено им е правото на сопственост, куќите им се распаѓаат, а обесштетување не добиле. Семејствата Момирови и Дамјаноски од Охрид се сопственици на куќите над Античкиот театар, кои откако се откриени археолошките наоди, немаат право да ги обноват семејните домови. Во едната куќа одамна нема услови за живот, кровот се распаѓа, а урнат е и дел од ѕидот. Сопствениците биле принудени да се иселат.

„Кога почнаа да го копаат Античкиот театар, тоа има 30 години, ние немаме никакво право. Од едната страна, куќата е поткопана. Не може никој да живее во неа му се заканува таа опасност. Не можеме да ја продадеме. Не се решава случајов“, вели Милка Момирова Лонча една од сопствениците на имотот.

Куќите се на една од најфреквентните улици во Стариот град, каде дневно минуваат стотици туристи. Вредни атрактивни имоти, кои можеле да им носат огромни туристички приходи, оставени на забот на времето, претставуваат сериозна опасност.

„Куќата веќе се распаѓа, оставена е сама на себе, затоа што ние ништо не можеме да направиме. Не можеме ниту да ја поправаме, не можеме тука да живееме и чекаме. Постои опасност од рушење на куќата. Јас дури мислам дека ако не се реши овој проблем најбрзо, може дел од задната страна и да се сруши на самата сцена. Овој проблем треба најбрзо и најитно и приоритетно да се реши“, вели Маја Коваческа една од сопствениците.

Куќите се национално богатство, но сопствениците не добиле ниту една реална понуда за обесштетување, со одговор дека нема финансии.

Од Завод и музеј Охрид велат се води постапка за експропријација, даваат поддршка да заврши за да може да се продолжи со археолошките истражувања на теренот.

 

Соња Рилковска