НБРМ

Славески: Повисока инфлација, страв од цените

31.08.2025 13:32

Инфлацијата во Македонија е повисока од еврозоната поради сè уште присутните очекувања дека цените ќе растат, вели гувернерот на Народната банка. Славески смета дека во наредните година до две стапката на инфлација ќе се приближи до историските нивоа од 2 проценти. Од следната година полесно до прв стан. Една од мерките што се разгледува во Министерството за финансии е стапката за оданочување за кредит да остане на сегашните 5 проценти. Од 2026 со закон ќе има намалување и на банкарските провизии...

Инфлацијата во Македонија е повисока отколку во еврозоната бидејќи во државата сè уште постојат силни инфлациски очекувања, односно верување дека цените ќе продолжат да растат, вели гувернерот на Народна банка. Во интервју за радио Слободна Европа, Славески додава дека во наредните година до две се очекува стапката на инфлација да се приближи до историските 2 проценти. Потенцира дека на Владата не ѝ одговара висока инфлација за да го полни буџетот преку ДДВ, бидејќи граѓаните се „алергични“ на растот на цените.

„Граѓаните имаат аверзија кон инфлацијата и оние влади и политики коишто ќе испорачаат пониски стапки на инфлација подобро поминуваат на избори. На владата ѝ одговара ниска и стабилна инфлација, затоа што и тие како и приватниот сектор при реализација на политиките, проектите сакаат предвидливост“, изјави Трајко Славески - гувернер на НБРМ.

Централната банка неодамна повика на правичен однос кон граѓаните. Пораката е примена. Некои банки ги намалија провизиите, некои најавија дека тоа ќе го направат во наредниот периодот и ние сме задоволни од првата реакција, вели Славески. Ќе се прошири и опфатот на таканаречената сметка, предвидена со законот за платни системи и платни услуги.

„Еве ние дури и предвидуваме, она што сега е товар за одредени граѓани коишто живеат да речеме во населби каде што е присутна само една банка со оние банкомати за подигање на готовина, па се изложени на трошоци, дури и тука предвидуваме да може во текот на месецот четири пати со ограничена сума до 2000 денари, што е сосема доволно да подигаат готовина од банкоматите без провизија“, изјави Трајко Славески - гувернер на НБРМ.

Државата крои програма со цел младите да имаат поволни услови за да купат сопствен стан. Една од мерките е стапката за оданочување да остане на сегашните 5 проценти. Преку катастарот за недвижности пак треба да се олесни идентификацијата на граѓаните за добивање прв клуч.

 

 

Милчо Велески