Штети од невремето во Скопје
На бројот за итни повици 112 – 50 пријави за материјални штети од вчерашното невреме со силен ветер во Скопје. Во различни делови на градот, паднати дрвја, оштетени моторни возила, скинати кабли на ЕВН, паднати настрешници и кровови. На две локации имаше и пожари. Девет полицајци беа пренесени на Одделот за токсикологија на кислородна поддршка, поради вдишување чад откако спречиле ширење на пожарот во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“...

Паднати дрва, оштетени возила, запалени бандери, скинати кабли е сликата по силното невреме што го зафати Скопје, но и делови од Македонија. Граѓаните сведочат паѓаа и лимови од кров, добро е што никој не бил повреден.
Телефонот во ЦУК постојано ѕвонел. Имало 50 пријави од граѓани за над 30 паднати дрвја, од кои дел паднале и врз возила, куќи, делови од згради.
Сите пријави се проследени до надлежните служби, кои интервенираат по приоритет за надминување на последиците од невремето.
Меѓу најтешко погодените локации се „Партизанска“ каде летале покриви од згради и контејнери, потоа кај Драмски факултет, како и во „Ѓорче Петров“.
Претходно, полициски службеници ангажирани за обезбедување на ракометниот турнир во салата „Борис Трајковски“, заедно со пожарникарите, спречиле ширење на пожар и зафаќање на возила и објекти.
Поради вдишување чад, 9 полицајци биле пренесени во Токсикологија на кислородна поддршка, сите се во стабилна состојба.
Борис Грујоски
