Препукувања на власта и опозицијата за евроинтеграциите
Лидерот на СДСМ Венко Филипче жали што премиерот Мицкоски го одби неговиот предлог за изгласување резолуција во Собранието за евроинтеграциите. сепак не се откажува. Опозицијата идната недела ќе предложи работна верзија на документ со предлог како треба да се продолжи на патот до полноправно членство во ЕУ.

Премиерот еднаш бара конструктивност, а друг пат одбива каков било предлог. Филипче жали што Мицкоски не ја прифатил идејата во Собранието да се донесе заедничка резолуција со македонските црвени линии, а ако има ново вето, да запрат преговорите со Брисел. Лидерот на социјалдемократите смета дека евроинтегративниот процес на Македонија стагнира додека напредува за Албанија и Црна Гора. За таа цел СДСМ подготвува документ кој неделава ќе го достави до партии, а во него ќе бидат содржани јасно дефинирани линии како државата да оди напред кон Европа. Филипче останува доследен на ставот за вметнувањето на Бугарите во уставот оти според него со тоа се правела јасна дистинкција дека станува збор за два различни народи.
Од една страна зборува за уставни измени, од друга за откажување од преговорите ако има ново вето. Таков пристап не носи сигурност, туку неизвесност за правецот во кој треба да оди државата, возврати министерот за надворешни Муцунски. Тој упати критика до СДСМ И ДУИ и нивната политика на како што вели брзи потези и празни ветувања. Двете партии, според првиот човек во МНР, со заедничките документите што се носеа во Собранието не донеле сила, туку слабост – биле дерогирани веднаш штом ќе се појавел предизвик.
„Нашиот пат е поинаков. Работиме на решенија што носат траен напредок – не на блокади што се повторуваат. Подобро е да покажеме трпение и мудрост, отколку да направиме потег кој утре ќе биде уште поголем товар за државата. Тоа е државнички пристап: да мислиме на денес, на утре и на задутре. Има уште една важна разлика. За нас европската иднина не е празна фраза – таа значи борба против корупцијата, модерна администрација, дигитализација, инвестиции во патишта, инфраструктура и нови можности за граѓаните. Ние веруваме дека резултатите дома создаваат почит надвор“, вели министерот за надворешни, Муцунски.
Премиерот Мицкоски предлогот на Филипче го оквалификува како нова „итроштина“. Шефот на владата вели дека СДСМ и ДУИ ги потценуваат граѓаните и играат на картата на кратка меморија. Потсети дека таква декларација имаше во Собранието да не се прифаќаат ултиматуми од Софија, па како што рече, прифатија сè.
Викторија Милевска
