Украина неизбежна тема на самитот во Кина
Украинската криза неизбежна тема на самитот што го нагласува партнерството меѓу Кина и Русија. Путин ги пофали напорите на стратешките партнери и изјави дека долгорочно решение е возможно само со решавање на коренските причини, меѓу кои е и обидот на западот да ја внесе Украина во НАТО...

Кинескиот лидер и домаќин на самитот на Шангајската организација за соработка во Тјанџин, Си Џинпинг ја претстави Кина како сила за глобална економска стабилност, ветувајќи 280 милиони долари помош за земјите членки и формирање Банка за развој, во услови на американска царинска војна и намалена странска помош. Без директно да ги спомне САД, Си се изјасни против „хегемонизмот“ и „менталитетот на Студената војна“, критикувајќи го западниот поредок.
„Треба да ја искористиме силата на нашите мега-пазари и економската комплементарност меѓу земјите-членки и да го подобриме олеснувањето на трговијата и инвестициите“, изјави Си Џинпинг, претседател на Кина.
Украинската криза неизбежна тема на самитот што го нагласува партнерството меѓу Кина и Русија. Путин ги пофали напорите на стратешките партнери и изјави дека долгорочно решение е возможно само со решавање на коренските причини, меѓу кои е и обидот на западот да ја внесе Украина во НАТО. Според него, ниедна земја не смее да ја гради својата безбедност на штета на друга.
„Дозволете ми да ве потсетам, дека оваа криза не настана како резултат на нападот на Русија врз Украина, туку како резултат на државен удар во Украина, кој беше поддржан и испровоциран од Западот, како и обидите да ја вовлечат во НАТО, што претставува директна закана за Русија. Би сакал да напомнам дека разбирањето постигнато на неодамнешниот руско-американски самит во Алјаска се надевам дека се движи во оваа насока, отворајќи го патот за мир во Украина“, изјави Володимир Путин, претседател на Русија.
Додека Кина и Русија настојуваат да ја променат рамнотежата на моќ во своја корист, западот подготвува прецизни планови за испраќање трупи во Украина со поддршка од САД во рамки на повоените безбедносни гаранции – соопшти шефицата на Европската комисија Фон дер Лајен. Германскиот канцелар Мерц изрази песимизам за брз крај на војната, обвинувајќи ја Русија.
„Ментално се подготвувам оваа војна да трае долго. Се обидуваме да ја завршиме што е можно побрзо. Но, секако не по цена на капитулација на Украина. Затоа зборуваме за формулирање безбедносни гаранции во случај на прекин на огнот“, рече Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Додека Брисел подготвува 19-ти пакет санкции за Москва, Зеленски потсети на рокот од две недели што Трамп ѝ го даде на Русија, нагласувајќи дека се ближи времето за вистински преговори и состанок на лидерско ниво. Очекува поголем притисок врз Путин од сојузниците.
„Очекуваме дека никој нема да толерира влечење на војната. Сметаме на силна позиција од САД, Европа и земјите од Г20. Оваа војна само придонесува за дестабилизација на светските процеси. Русија мора да плати за ова“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Додека дипломатските напори не мрднуваат од мртва точка, на украинскиот фронт нападите продолжуваат. Во истовреме Киев соопшти дека е уапсен осомничениот за убиството на поранешниот претседател на врховната Рада, Андреј Парубиј.
Бојана Крстевски
