Путин: Мир во Украина не смее да има врз штета на Русија
Иницијатива на Русија и Кина за нов светски поредок на Шангајската конференција. Рускиот претседател Путин со порака дека мир во Украина не смее да има врз штета на Русија. Украинскиот претседател Зеленски пак смета на безбедносни гаранции од западот.

Самит на Шангајската организација за соработка во Тјанџин – Кина претставена како клучна економска сила. Лидерот и домаќин на состанокот Шји Џинпинг најави 280 милиони долари помош за земјите членки и формирање Банка за развој, во момент на американска царинска војна и намалена странска помош.
„Треба да ја искористиме силата на нашите мега-пазари и економската комплементарност меѓу земјите-членки и да го подобриме олеснувањето на трговијата и инвестициите“, изјави Шји Џинпинг, претседател на Кина.
Украина неизбежна тема на самитот. Решението за војната зависи од отстранување на коренските причини, меѓу кои и обидот Украина да се внесе во НАТО-изјави Путин. Нагласи дека безбедноста не смее да биде на штета на други земји.
„Оваа криза не настана како резултат на нападот на Русија врз Украина, туку како резултат на државен удар во Украина, кој беше поддржан и испровоциран од Западот, како и обидите да ја вовлечат во НАТО, што претставува директна закана за Русија“, рече Владимир Путин, претседател на Русија.
Путин се сретна и со индискиот премиер Моди и турскиот колега Ердоган. Двете земји кои настојуваат да останат неутрални, ја повторија заложбата во изнаоѓање дипломатско решение.
„Се надеваме дека сите страни ќе продолжат конструктивно, за да го прекинат конфликтот што е можно поскоро и да воспостават мир. Ќе мора да најдеме начин“, изјави Нарендра Моди, премиер на Индија.
„Ја знаете нашата желба да ве угостиме во Турција. Мојата покана останува трајна“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
Додека Кина и Русија се обидуваат да ја променат глобалната рамнотежа на моќ, западот со поддршка од САД, подготвува планови за испраќање трупи во Украина како дел од безбедносни гаранции. Канцеларот Мерц е песимист за скорашен крај на војната.
„Се подготвувам оваа војна да трае долго. Се обидуваме да ја завршиме што е можно побрзо. Но, секако не по цена на капитулација на Украина“, изјави Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Зеленски со потсетување за истекот на рокот што Трамп ѝ го даде на Русија, нагласувајќи дека се ближи времето за вистински преговори и лидерска средба. Очекува поголем притисок врз Путин.
„Очекуваме дека никој нема да толерира влечење на војната. Сметаме на силна позиција од САД, Европа и земјите од Г20. Оваа војна само придонесува за дестабилизација на светските процеси. Русија мора да плати за ова“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Наспроти закочената дипломатија, борбите на фронтот не стивнуваат. Киев соопшти дека е уапсен осомничениот за убиството на поранешниот претседател на врховната Рада, Андреј Парубиј.
Бојана Крстевски
