Регион

Продолжуваат протестите во Србија, вечерва најавени протестни прошетки во Белград и други градови

01.09.2025 12:45

Во Србија започна учебната година, но во одредени средни училиштата, како во престижната 5-та Белградска гимназија, наставниците, учениците, со поддршка на родителите и студентите во раните утрински часови излегоа на протест...

Во Србија започна учебната година, но во одредени средни училиштата, како во престижната 5-та Белградска гимназија, наставниците, учениците, со поддршка на родителите и студентите во раните утрински часови излегоа на протест со концерт на групата Белградски синдикат. Протестот беше поради отказите за 19-те наставници и суспензија за четворица.

„Учебната година официјално започна, но реално малку кое училиште работи како треба. Имам информации од повеќе училишта дека владее тотален хаос, да родителите не знаат во кои одделенија им се децата, кој им е класен старешина, кој ќе им предава, а имаме проблеми и со книги. И поради тоа ова е протест кој се врзува и за други училишта. Ова е само едно училиште кое е слика за она што се случува во образованието во Србија“, изјави Тихомир Војиновиќ-наставник.

Иако учебната година започна во најголемиот број училишта, вакви протести имаше во гимназиите во Нови Сад и некои основни училишта во Белград. Во Нови Сад на Факултетот за спорт и физичко воспитание, деканот преку прозорец влезе во своите простории, а полицијата го штити од насобраните граѓани и студенти.

По повод почетокот на новата учебна година министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ го посети училиштето „Михајло Пупин“ во Земун, и изјави дека безбедноста на децата е приоритет во работата на Министерството за внатрешни работи. Тој посочи дека во училиштата во Србија се ангажирани 1.900 полицајци.

„Наш приоритет е безбедноста на децата во училиштата, но и на патот до училиште и во нивниот секојдневен живот“, изјави Ивица Дачиќ, министер за внатрешни работи.

Вечерва средношколците, студентите и граѓаните по повод 10-те месеци од паѓање на настрешницита во Нови Сад најавија комеморативна прошетка во Белград која ќе започне од старата железничка станица, преку централните белградски улици и ќе заврши на Плоштадот на републиката.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ