Стотици мртви и илјадници повредени по разорниот земјотрес во Авганистан
Стотици жртви и илјадници повредени во земјотрес во Авганистан. Бил шест степени според Рихтер. Тамошната влада соопшти дека почнала со масовна операција за спасување. Областа на епицентарот е тешко достапна.

Трагедија од огромни размери по земјотресот во Авганистан. Болниците преполни со повредени, бројот на жртви расте, спасувањето оди тешко.
Разорниот земјотрес со јачина од 6 степени кој го погоди планинскиот источен регион, остави стотици мртви и над 2.500 повредени. Најпогодена е покраината Кунар.
„Речиси целото село е срушено. Деца, млади и стари луѓе се заробени под урнатините. Ни треба помош тука. Сè уште не се извлечени мртвите тела под урнатините“, изјави жител на погоденото село Азизабад.
Екипите за спасување се обидуваат да стигнат до оддалечените планински региони, но тесните патишта ја отежнуваат целата акција. Повредените се евакуираат со хеликоптери во побезбедни области.
Властите предупредуваат дека е можно бројот на жртви да расте и побараа помош од меѓународните организации. Светските хуманитарни организации и соседните земји се мобилизираат за обезбедување итна помош за погодените области.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази „целосна солидарност со народот на Авганистан по катастрофалниот земјотрес и упати длабоко сочувство до семејствата на жртвите, посакувајќи брзо закрепнување на повредените.
Авганистан е подложен на силни и чести земјотреси, особено во регионот каде што се сретнуваат индиската и евроазиската тектонска плоча.
Катерина Бојаџиева
