Разорен земјотрес во Авганистан остави стотици мртви
Стотици жртви и илјадници повредени во земјотрес во Авганистан. Бил шест степени според Рихтер. Тамошната влада соопшти дека почнала со масовна операција за спасување. Областа на епицентарот е тешко достапна.

Трагедија од огромни размери по земјотресот во Авганистан. Болниците преполни со повредени, бројот на жртви расте, спасувањето оди тешко.
Разорниот земјотрес со јачина од 6 степени кој го погоди планинскиот источен регион, остави стотици мртви и над 2.500 повредени. Најпогодена е покраината Кунар.
„Според досегашните информации, над 800 луѓе се загинати, а повеќе од 2.500 се ранети. Стравуваме дека бројките може да се зголемат бидејќи спасувачката работа е во тек во различни области. Во некои села повредените и загинатите сè уште се извлекуваат од урнатините“, изјави Забиула Муџахид, портпарол на авганистанската влада.
„Речиси целото село е срушено. Деца, млади и стари луѓе се заробени под урнатините. Ни треба помош тука. Сè уште не се извлечени мртвите тела под урнатините“, изјави жител на погоденото село Азизабад.
„95 проценти од куќите во нашето село се уништени. Имаме многу загинати, речиси секое семејство има од пет до десет повредени“, рече жител на погодено село од земјотресот.
Екипите за спасување се обидуваат да стигнат до оддалечените планински региони, но тесните патишта ја отежнуваат целата акција. Повредените се евакуираат со хеликоптери во побезбедни области.
Светските хуманитарни организации и соседните земји се мобилизираат за обезбедување итна помош за погодените области.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази целосна солидарност со народот на Авганистан по катастрофалниот земјотрес и упати длабоко сочувство до семејствата на жртвите, посакувајќи брзо закрепнување на повредените.
Авганистан е подложен на силни и чести земјотреси, особено во регионот каде што се сретнуваат индиската и евроазиската тектонска плоча.
Катерина Бојаџиева
