Успешен старт на учебната година
Први септември. Училиштата се наполнија, некаде со повеќе, некаде со помалку ученици. Надлежните велат дека после неколку години, учениците на првиот ден ги имаат сите книги пред себе…

Над 245.000 основци и средношколци по седум години ги добија новите книги. Учебници се испечатени и за странските јазици, но и за учениците во седмо одделение и средношколците од прва година кои ќе учат по новата концепција. Ќе се доставуваат и во текот на неделава, информираше министерката Јаневска на првиот ден од учебната година. Новина е и вметнувањето на вештачката интелигенција во наставните содржини, ќе се применува од второто полугодие.
Пред 15 години зборувавме за компјутер за секое дете, а денес за учебници. Премиерот Мицкоски со извинување до родителите бидејќи нивните деца биле оставени без книги. Пред првачињата вети дека вакви проблеми нема да се појават во иднина, туку дека преку вештачката интелигенција ќе се зборува за иднината и предизвиците кои ги носи.
Во оваа учебна година првпат се воведени и образовни асистенти во средните училишта. Воведено и формално образование за децата кои се на болничко лекување повеќе од три недели, за да не губат настава.
Викторија Милевска
