ДЗР: Неправилности во користењето на јавните средства во МОН
Државниот завод за ревизија утврди сериозни неправилности во користењето на јавните средства во Министерството за образование и наука (МОН) за 2023 година...

Ревизорите дадоа неповолно мислење за финансиските извештаи на МОН, посочувајќи слабости во капиталните инвестиции, изградба на училишта и студентски домови, управување со учебници, како и ненаплатени побарувања.
Меѓу најкритичните наоди е фактот што повеќе од 18 милиони евра студентски кредити од 1998–2010 година сè уште не се наплатени, ниту отпишани. Дополнително, државниот студентски дом во Тетово е пуштен во употреба без технички прием, а дел од опремата таму не функционира.
Ревизијата откри и дека проектот за превод на над 500 стручни книги, финансиран со повеќе од 13 милиони евра, сè уште не е завршен – книгите не се дистрибуирани и дел од нив се оштетени поради лошо складирање.
Проблеми се утврдени и со стипендиите за студенти во странство, каде што нема систем за нивно вклучување во државата по завршување на студиите, како и со исплатата на уписнини која поради курсни разлики била погрешно пресметана.
Ревизорите предупредуваат дека ваквите слабости го зголемуваат ризикот од несоодветно користење на буџетските средства и негативно влијаат врз квалитетот на образованието. Препорачано е Министерството да преземе итни мерки за подобрување на системот.
