Се помали шанси за билатерална средба Путин-Зеленски
Сè уште неизвесно дали ќе има тет-а-тет средба Путин-Зеленски. Тече двонеделниот рок даден од Трамп за Москва. Додека украинскиот фронт продолжува да гори, перспективите за мир во Украина, тема на европските шефови на дипломатиите на Самитот во Блед.

Експлозии и пламен на украинскиот фронт. Жртви и повредени во околината на Киев, гранатирани Одеса и Суми. Украина возврати во руски Ростов. По напад со дронови повредени четири лица и евакуирани над 300 жители. Заглавените дипломатски напори и продолжените масовни руски удари го тестираат трпението на Вашингтон. Сите опции за санкции се на маса-вели американскиот министер за финансии Бесент во изјава за „Фокс Њуз“.
„Претседателот Путин, од историскиот состанок во Анкориџ, од телефонскиот повик кога европските лидери и Зеленски беа во Белата куќа, го направи спротивното од она што посочи дека сака да го направи. Всушност, тој на презирен начин го ескалираше бомбардирањето. Мислам дека со претседателот Трамп сите опции се на маса и мислам дека ќе ги испитаме многу внимателно оваа недела“, изјави Скот Бесент - министер за финансии на САД.
Заканите од САД доаѓаат пред истекот на двонеделниот рок од Трамп за Русија, иако Москва повторно ги намали надежите на Киев за лидерска средба. Помошникот на Кремљ Ушаков изјави дека не е планирана средба Путин-Зеленски, ниту пак трилатерален состанок со Трамп. Иако Украинската криза беше неизбежна тема на самитот на Шангајската организација за соработка во Кина, на изненадување на Киев, војната воопшто не беше спомената во извештајот на декларацијата од Тјанџин.
„Изненадувачки е што најголемата агресивна војна во Европа од Втората светска војна не беше одразена во толку важен, фундаментален документ, додека во него се споменуваат голем број други војни, терористички напади и настани во светот. Уверени сме дека без праведен крај на руската агресија против Украина, не можеме да зборуваме за одржлив глобален развој, меѓународен мир и безбедност“, се вели во соопштението на украинското МНР. Додека Путин разговара за плановите со неговите сојузници во Пекинг, перспективите за мир во Украина-тема на Бледскиот форум.
„Сите сакаат мир освен Русија. Мораме да одржиме трансатлантско единство, да извршиме притисок врз Русија и да ја поддржиме одбраната на Украина“, изјави Баиба Бразе – министер за надворешни работи на Латвија.
„Мирот треба да биде одржлив. Треба да ја поддржиме Украина да преговара од позиција на сила“, изјави Радмила Шекеринска -заменик-генерален секретар на НАТО.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, пак, ги бранеше своите средби со рускиот претседател.
„Ако не разговарам со него, со кого да разговарам за ситуацијата што ја создадоа? Дипломатијата бара ангажман.“, изјави Рафаел Гроси – Генералниот директор на МААЕ.
Во четврток Франција е домаќин на состанокот на Коалицијата на подготвените со учество на Зеленски, посветен на одвраќање нов руски напад.
Бојана Крстевски
