Холивудската икона Ким Новак со „Златен лав“ за животно дело во Венеција
Новак беше пречекана со долготрајни овации, а режисерот Гилермо дел Торо ѝ оддаде чест, истакнувајќи ја нејзината способност да проектира „кршливост, моќ и мистерија“.

Легендарната актерка Ким Новак, ѕвездата на култниот филм „Вртоглавица“ на Алфред Хичкок, на 92 години беше наградена со „Златен лав“ за животно дело на Филмскиот фестивал во Венеција.
Новак беше пречекана со долготрајни овации, а режисерот Гилермо дел Торо ѝ оддаде чест, истакнувајќи ја нејзината способност да проектира „кршливост, моќ и мистерија“.
Ова е прво јавно појавување на славната актерка по децении повлеченост, откако во 1966 година го напушти Холивуд за да се посвети на сликарството и животот со своите коњи во Орегон.
Во чест на Новак, во Венеција премиерно беше прикажан и документарниот филм „Вртоглавицата на Ким Новак“, кој ја раскажува нејзината животна приказна – од холивудска икона до уметник што избра тишина и слобода.
