„Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска – добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2025 година
На седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи.

Ракописот со наслов „Кривата Дијана (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска, е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2025 година. Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „Пацер“ од Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ од Ники Борас и „Солдат 1882“ од Добре Тодоровски.
На седмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, пристигнаа 45 ракописи.
За победникот одлучуваше тричленото стручно жири во состав: Соња Стојменска-Елзесер (професорка и писателка), Иван Додовски (професор, писател, книжевен и театарски критичар) и Бисера Бендевска (уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“).
Според жирито, романот „Кривата Дијана“ отскокна од сите конкурентски ракописи и затоа едногласно одлучи да му ја додели наградата „Пегаз“ за 2025 година.
Фросина Пармаковска е родена во Скопје, во 1985 година. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институтот за македонска литература, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и во македонскиот роман“. Член е на ДПМ од февруари 2018 година.
Автор на следните романи: „Сè уште можам нешто да сторам“, роман (Или-Или, 2023); „На враќање“, роман (Или-Или, 2020); „Одбројување“, роман (Или-Или, 2017); „Вишнова хроника“, роман (Или-Или, 2014); „Пишувајќи ги изгубените топки“, роман (Култура, 2013).
Нејзините романи се преведени на неколку јазици.
