Џиновска гасеница се појави во Штип

23.08.2014 17:26

Инсект со големина од 10-тина сантиметри се појави во двор во штип. Штипјани вознемиени од неговата појава. Експертите смируваат – се работи за медитерански тип на гасеница кој не е опасен...

Џиновска гасеница се појави во Штип. Инсектот е со големина од 10 сантиметри и во обид да биде фатен покажал невообичаена агресивност, тврди штипјанецот Благој Тодоров кој прв ја забележа чудната гасеница во својот двор.

„Кога го најдов имаше зелена боја, со изразито сини очи, како фенери. Беше исклучително агресивно. Го фатив со машата, а тоа почна да скока, не знам дали каса, не смеев да му пријдам. Огромен инсект кој не сум го видел досега за моиве 67 години“ изјава Благој Тодоров, човекот кој во својот двор го пронајде инсектот.

Тодоров го забележал инсектот како без проблем се храни од олеандрите, исклучително отровно растение и за него тоа е доволна причина за страв и вознемиреност.

„Се плашам заради децата. Страв ми е да ги пуштам да трчаат меѓу цвеќињата без контрола“, вели Тодоров.

Експертите смируваат. Се работи за медитерански вид на гасеница карактеристичен за топлите краеви, но во услови на континуирано благи зими, може да се појави и на други места.

„Не се работи за опасен инсект. Можеби изгледа малку страшен, но сепак тој не е опасен за луѓето. Доколку предизвикува штети кај растенијата се уништува физички или може да помогне било кој инсектицид“, појаснува Васко Златковски од Земојделскиот факултет при УГД - Штип.

Пред медитеранската гасеница од видот „дафнис нерии“ Штип беше место каде се појавија скакулци од Мароко и штурец од Нов Зеланд.

Оливера Жежова