Србија

Комеморативната прошетка во Нови Сад заврши со хаос, одржани собири и во Белград

02.09.2025 12:26

Мирни комеморативни собири во Србија по повод 10 месеци од трагедијата во Нови Сад. Единствено во Нови Сад дојде до инциденти и судири со полицијата...

На синоќешните комеморативни собири во Србија, на повик на студентите, десетици илјади граѓани одбележаа 10 месеци од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад. Главниот собир беше во Белград кој, како и во другите градови помина мирно, освен во Нови Сад.

Според полицијата, во 38 градови се одржале непријавени собири на околу 20.000 луѓе, а во Нови Сад во доцните вечерни часови тие „реагираа навремено и професионално кон поголема група од околу 280 луѓе, кои намерно се собраа пред главниот влез на Факултетот за спорт и физичко образование со намера насилно да влезат во просториите на факултетот“.

За време на потиснувањето и растерувањето на толпата, наведуваат од полицијата, неколку лица фрлија пиротехнички средства кон полицајците – топовски удари, димни бомби, камења и тули. Во таа прилика, еден полицаец беше повреден, а уапсени се три лица.

Според студентите и новинските агенции, полицијата одеднаш почнала да фрла шок бомби врз граѓаните што мирно се враќале од собирот, а потоа со исклучително силни сили почнале да ги бркаат оние што бегаа низ околните улици и да ги тепаат без било каква причина.

Во останатите градови вчерашните собири поминаа мирно и без инциденти.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ