Одбрана

Средба Лафчиски- Влад, соработката меѓу двете армии на високо ниво

02.09.2025 14:23

Делегација на Вооружените сили на Романија, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Георгита Влад, престојува во официјална посета на македонската Армија...

Соработката меѓу македонската и романската армија е исклучително добра и на високо ниво, потврдено на официјалната средба помеѓу генерал-мајор Сашко Лафчиски и генералот Георгита Влад. Како што соопштуваат од Армијата, посебно била нагласена успешната соработка на полето на обуката и вежбите реализирани во рамките на иницијативата Б-9, како и во рамките на билатералните и  регионалните активности.

За време на официјалниот состанок, романската делегација беше запознаена со трансформацијата на Армијата, учеството на Армијата во меѓународни мисии на НАТО, ОН и ЕУ, како и капацитетите на армискиот полигон „Криволак“.

Дополнително се разговараше за заемна поддршка при исполнување на НАТО целите на способности и подобрување на интероперабилноста, како и можноста за унапредување на билатералната соработка, вклучувајќи ја и соработката во областа на специјалните сили.

Во рамки на посетата, генералот Влад оствари средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски на која се разговараше за посветеноста на двете земји во зацврстувањето на источното крило на НАТО, за безбедносната состојба во регионот, како и за можностите за развој на билатералната соработка.

Министерот Мисајловски во оваа прилика ја нагласи исклучително интензивната одбранбена соработка благодарение на која се зајакнува интероперативноста помеѓу двете сојузнички армии и додаде дека македонските припадници, како и досега, ќе продолжат со својот придонес како дел од НАТО мултинационалните сили во Романија.

Покрај официјалните средби, во текот на денешниот ден, романската делегација ќе го посети и баталјонот за специјални сили во касарната „Илинден“ во Скопје, каде ќе биде запознаена со мисијата, опремата и вооружувањето со кое располага баталјонот и ќе присуствува на методско-показна вежба организирана од единицата.

Во текот на утрешниот ден романската делегација, во касарната „Боро Менков“ во Куманово, ќе присуствува на свечената церемонија за примопредавање на должноста на Политичко-воено- управувачкиот комитет и Координативниот комитет на СЕДМ, како и на одбележувањето на 26 години од формирањето на бригадата за Југоисточна Европа (SEEBRIG).