Пазар на труд

Недостиг на работници има во речиси сите сектори, велат од ОРМ

02.09.2025 14:47

На пазарот на труд во моментов недостигаат околу 10.000 работници во речиси сите сектори, велат за МТВ од Организацијата на работодавачи на Македонија...

Компаниите се жалат дека многу тешко наоѓаат работна сила. На пазарот на труд во моментов недостигаат околу 10.000 работници во речиси сите сектори, велат за МТВ од Организацијата на работодавачи на Македонија.

Квалификуван кадар нема ни за лек, оти добар дел од работоспособното население заминува во странство за подобри услови. Најголем кусок има во индустријата, конфекциите, градежништвото, угостителството.

Тврдењата на бизнисмените наоѓаат поткрепа и во бројките на Државниот завод за статистика.

„Стапката на слободни работни места во второто тримесечје од 2025 година е 2,08%, а најмногу работници се барале во услужните дејности и продажбата. Југоисточниот регион има највисока стапка на слободни работни места од 2,54%“, стои во соопштението од ДЗС.

Од Агенцијата за вработување, за МТВ велат дека невработеноста опаѓа.

Во однос на работната сила надлежните велат дека сите треба да дадат придонес, и Владата, и образовните институции, и самите претпријатија.

Синдикатите вината ја лоцираат во газдите, кои исплаќаат ниски плати, со кои не може да се истурка месецот.

 

Борис Грујоски