Мицкоски: Прислушувањето на АНБ не е удар врз мене и новинарите, туку врз демократијата и темелите на државата
Прислушувањето на АНБ не е удар врз мене и новинарите, туку врз демократијата и темелите на државата – порача премиерот Мицкоски. Лидерот на СДСМ со став – темелна истрага, наместо лов на вештерки. Ексдиректорот на АНБ, Димовски повикува да се декласифицираат документите…

„Скандалот со нелегалното прислушување што го правела АНБ изминативе години не е удар врз мене и новинарите, туку удар врз темелите на државата, демократијата и слободата“, вели премиерот Мицкоски. Шефот на Владата побара правна разрешница.
Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, пак, тврди дека Мицкоски не бил следен. Тој го повика актуелниот директорот на Агенцијата, Христовски веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводните злоупотреби, особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата од 2019 до 2022 година.
Поранешниот директор на АНБ негира злоупотреби
„Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања! Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот класифицирани информации со степен на државна тајна“, вели Виктор Димовски, поранешен директор на АНБ.
И додека Димовски потврдува дека во тој период, согласно законските надлежности во Агенцијата се правеле проверки за безбедносните сертификати, со кои биле опфатени тогашен и сегашен пратеник за оддавање класифицирана информација, за што била поднесена и кривична пријава до Обвинителството, ексминистерот за внатрешни работи, Наќе Чулев вели дека истрагите недвосмислено укажуваат на системска злоупотреба на безбедносно-разузнавачките служби.
Филипче бара темелна истрага
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче побара темелна истрага и декласификација на информациите наместо, како што вели, „лов на вештерки“.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ги проверува информациите за прислушувањето, но, во предистрагата не се откриваат повеќе детали. Актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски вели, топката е кај Обвинителството. Во Јавното обвинителство велат дека нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.
„Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд, кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките. Согласно со Законот за следење на комуникациите, наредби за посебни истражни мерки може да се издадат само за кривични дела строго предвидени во самиот закон“, велат од државното Јавно обвинителство.
Целосно расветлување на сомнежите за прислушување побараа и новинарските здруженија.
Игор Панов
