Кривичен суд

Љамалари останува во притвор до правосилност на пресудата

02.09.2025 17:34

Две години затвор заработи напаѓачот на скопската градоначалничка, Данела Арсовска. Кривичен суд го прогласи за виновен Сулејман Љамалари за грубо насилство, додека Арсовска беше на увид на дивоградба на објект во Чаир, за кој биле поднесувани пријави во неколку наврати. Градоначалничката тогаш тврдеше дека објектот иако е дивоградба, продолжува да се гради. А, обвинетиот по вербална расправија, физички ја нападнал...

Двегодишна затворска казна за напаѓачот на скопската градоначалничка, Данела Арсовска. Кривичниот суд во Скопје го прогласи Сулејман Љамалари за виновен, бидејќи на 11-ти јули извршил грубо насилство врз Арсовска, кога таа откриваше дивоградби во Чаир. Во казната на Љамалари му се пресметува и времето во куќен притвор, мерка која потоа беше преиначена во затворски притвор.

Љамалари останува во притвор до правосилност на пресудата, на која има право на жалба. Љамалари за време на судењето призна дека ја навредувал Арсовска, но не и дека ја удрил, велејќи дека таа го удрила по нога.

Во меѓувреме, кривична пријава заработи и полицискиот службеник кој ја нападна советничката Ирена Витина и инспектори од Град Скопје, кои утврдија дека на диво се приклучил на канализационата мрежа.

Нападот се случи во јуни, во Шуто Оризари. Полицаецот најпрвин вербално се заканувал, а потоа и физички ги нападнал надлежните од градот Скопје, спречувајќи ги при тоа да ја снимаат затекната состојба.

Одделот за внатрешна контрола при МВР донесе мерки за одземање на службеното оружје и негово отстранување од работното место, до завршувањето на дисциплинската постапка.

Марија Котовска